Тарифата за пристап на мрежа од 200 денари како давачка за граѓаните за секое мерно броило за електрична енергија, ќе биде укината, ама кога ќе покажат пресметките што ќе ги направи Регулаторната комисија за енергетика за трошоците на ЕВН-Електродистрибуција, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Ваква можност најавија од ВМРО-ДПМНЕ уште пред изборите и ветија дека веднаш по формирање на новата влада ќе ја укинат давачката затоа што сметаат дека е „незаконска и е воведена од власта во заминување“.

– Ние ветивме дека таа давачка ќе биде укината и во текот на мандатот на оваа влада ќе биде укината. Во овој момент се прави консолидирање на електроенергетскиот сектор и мислам дека „Регулаторна“ ги прави пресметките. Тогаш ќе донесеме одлука што е најважна и најдобра за граѓаните – истакна Мицкоски.

Тарифата за пристап на мрежа од 200 денари (со ДДВ изнесува 236 денари) ја воведе претходната Влада со цел да собере повеќе пари во буџетот, а граѓаните се пожалија дека мрежарината од 200 денари е неоснована давачка која им ги покачи сметките за електрична енергија.

Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски на обвинувањата дека воведувањето на 200 денари давачка за пристап до мрежа било неуставно, рече дека нема никакви екстра профити за компаниите кои ги снабдуваат со електрична енергија домаќинствата на регулираниот пазар, ниту пак се оштетени потрошувачите.

– Нема никакви екстра профити и дека укинувањето на надоместокот од 200 денари како би се одразило. Тоа се 2.400 денари на годишно ниво. Дали ќе има 200 или нема да има 200 денари, приходот на Електродистрибуција е ист. Укинувањето на надоместокот би ги зголемило цените на електричната енергија за прв блок 9,3%, односно за евтина тарифа за 14,54 проценти – тогаш објасни Бислимоски.

Тој за давачката за мрежарина ја нарече правилен начин на распределба на трошоците.

– Зошто оние што имаат редовна потрошувачка да имаат поскапа евтина струја за 14,5 проценти. Дали за да ги спасиме оние што имаат по пет стана и не живеат во нив – праша Бислимоски.

Во насока на консолидација, како што посочи Мицкоски, е и одлуката да не се префрлаат пари на АД ЕСМ, туку самата компанија преку кредит да си ги плати старите долгови.

– Пари на Државни електрани се префрлувале. Поентата е сега со работењето на ова раководство да се консолидира компанијата и помалку да се префрлаат. Тоа е суштината. Кредитот е земен за да ги плати старите долгови наследени од претходното раководство од пет милијарди денари и тоа се наследени средства од претходно. Заемот е земен по исклучително поволни услови, ќе има и грејс период од две-три години, доволен период за да може компанијата да се консолидира. Ние продолжуваме да работиме во насока на консолидирање на јавниот сектор и државата од она кое што е наследено од претходната влада на СДСМ и ДУИ и добро е што полека но сигурно се консолидира сето ова – потенцира Мицкоски.

(С.Бл.)