Препораката за старт на преговорите не е вест, чекаме датум!

141

На 29-ти овој месец земјава ќе ја добие десеттата препорака од ЕК за почеток на преговорите со Унијата, а соседна Албанија првата. Иако тенденцијата беше за двете земји да се одлучува одделно за да се издвои напредокот во Северна Македонија, сепак остануваат во пакет

За две недели Северна Македонија ќе ја добие десеттата препорака за почеток на преговорите со Европската Унија, но доделувањето на конкретен датум сè уште виси, иако уште лани се славеше за ”добрата вест”. Еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика Јоханес Хан потврди дека на 29-ти овој месец Европската комисија ќе го објави годишниот извештај за напредокот на земјите кои се во процесот на проширување и ќе препорача отворање на пристапните преговори за полноправно членство со Северна Македонија и Албанија. Но, Хан посочи дека од земјите членки на ЕУ зависи дали ќе се согласат со препораката на Европската комисија и дали ќе доделат датум за старт на преговорите.

 -За две недели ќе го претставиме нашиот годишен извештај каде што дефинитивно ќе препорачаме отворање на преговори за двете земји (Северна Македонија и Албанија). Двете земји ги исполнија условите и сега е до земјите членки да излезат со политички проценки, изјави Хан во интервју за Радио Слободна Европа.

Ова ќе биде прва препорака за Албанија и десетта за Северна Македонија. Овој непропорционален сооднос беше доволна причина македонските дипломати да настојуваат за двете земји да се одлучува одделно но, сепак, како Европската комисија, така и Европскиот совет, односно земјите членки на Унијата за земјава ќе одлучуваат во пакет со западниот сосед.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров во обраќањето во германскиот Бундестаг во вторникот порача дека земјава е успешна приказна која треба да биде охрабрена и поддржана.

 -И покрај тешката политичка ситуација во Европа денес, претстојните европски избори, сите прашања кои се поврзани со тоа, едноставно го немаме луксузот да не успееме во создавањето успешни приказни. Мојата земја Северна Македонија денес е успешна приказна која треба да биде охрабрена и поддржана ако сакаме да направиме разлика. Најголемата научена лекција од сето ова е дека ние можеме да направиме разлика. Ништо од ова, ниту помирувањето, ниту Преспанскиот договор не беше неизбежно. Напротив, се случи бидејќи ние тоа го направивме, заедно со лидерство во Атина, кажа Димитров.

Шефот на дипломатијата претходно на средбите во Берлин побарал препознавање на македонскиот успех од страна на ЕУ со што Унијата ќе го зголеми влијанието на ЕУ на Балканот.

Дипломатски извори од Брисел изминатиот период праќаа пораки дека Северна Македонија е единствената позитивна приказна на Балканот и би било лошо за Европската Унија доколку земјава не добие датум за старт на преговорите во јуни. Истите дипломати праќаат позитивни сигнали дека сега е моментумот ЕУ конечно да го потврди сето она што земјава досега го има постигнато, но предупредуваат дека е кратко времето за да се исполни “набиената агенда и помеѓу објавување на извештајот и одлуката, а неколку земји ќе треба ова прашање да го стават на гласање во Парламентите, особено Германија. Затоа министрите Димитров и Османи во Берлин имаа мисија на убедување.

Францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние деновиве изјави дека не е астролог да предвиди датум за преговори и дека ќе го чека извештајот на Европската комисија за да направи проценка дали е спроведено сè што требаше во земјава, особено од областа на судството и на правната држава.

-Се разбира дека изборите ќе имаат влијание, и тоа во повеќе аспекти, затоа што, генерално, Европската Унија, вклучително и Франција, сè повеќе се интересираат за земјите од Западен Балкан. Впрочем, Франција беше таа која на самитот во Берлин ја објави новата стратегија за земјите од Западен Балкан и нивното приближување кон ЕУ. Се разбира дека сите земји работат на тоа поле, меѓутоа ќе треба поефикасно да ги здружиме напорите за да може сите земји од Западен Балкан, вклучувајќи ја секако и Република Северна Македонија што повеќе да се приближат до ЕУ, објаснува Тимоние.

ЕК од 2009 година препорачува отворање на пристапни преговори со земјава. Сепак, оваа препорака досега не помина кај земјите членки кои ја носат конечната одлука. Во меѓувреме, Скопје и Атина го потпишаа Преспанскиот договор, со кој се затвори долгогодишниот спор за името, што беше најголемата пречка за евроатлантскиот пат на земјава.