Нема никаква уставна, политичка или законска пречка премиер на државата да биде Албанец, истакна претседателот на државата Стево Пендаровски, коментирајќи околу идејата на ДУИ за премиер Албанец. Пендаровски посочува дека досега во земјава, со два мали исклучоци, лидерот на најголемата партија во владејачкото мнозинство бил и премиер.
– Не навлегувам во тоа кои се нивните партиски мотиви, јасни ми се, меѓутоа не гледам никаква пречка да го истакнат тоа како свое политичко барање пред нивните идни потенцијални партнери во идната влада, ако бидат во таква ситуација. Она што јас сакам да го кажам во тој контекст дека досега владејачката партија, односно претседателот на најголемата партија во владејачкото мнозинство секој пат со два мали исклучоци бил и премиер. Премиерот, според нашата поставеност на политичкиот систем, е најмоќната политичка фигура, тоа го знаеме сите, вели шефот на државата во интервју за Радио Слободна Европа.
Артан Груби од ДУИ на прес-конференција истакна дека изборот на премиер Албанец е реална можност.
-Во врска со постојните дилеми околу основните разлики на начинот и можноста за избор на претседател на државата Албанец од едната страна, и можноста за избор на премиер или претседател на Собранието, од другата страна, дозволете ми да кажам, дека првото е утопија во денешна констелација, а втората е реална можност. Претседателот на државата се избира од мнозинство граѓани на слободни избори со околу половина милион гласови, додека премиерот и претседателот на Собранието се избираат од парламентарното мнозинство со 61 глас од пратениците. Ова е дури повеќе од јасно за сите и тука нема ниту една корелацијата помеѓу можноста на избор на едното и другото, изјави Груби.
Што се однесува до кандидатот за премиер, Груби рече дека лидерот на партијата Али Ахмети остварува интензивни консултации со цивилното општество, академската заедница, претставници од дијаспората, интелектуалци и аналитичари, околу името на кандидат на ДУИ за првиот премиер Албанец во Македонија.
-Затоа ги повикуваме сите Албанци, но и другите да ѝ се придружат на нашата иницијатива за деетнизација на последниот столб на отпорот и моноетничката супремација. Истовремено, ја поздравуваме големата граѓанска доброволна поддршка, особено на младите, за првиот премиер Албанец, рече Груби.
ДУИ веќе се закани дека ако нема премиер Албанец, ќе нема ни влада и ќе има нова политичка криза. Ахмети најави дека кандидатот за премиер ќе го соопштат на првиот ден од изборната кампања. Некои медиуми објавија дека во игра за кандидат за премиер се петмина интелектуалци од сферата на економијата, а Ахмети ќе пресече кој ќе биде адутот кој ќе треба да ги „исфрли“ Заев или Мицкоски од престижната функција.
Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, пак, во интервју за албанскиот медиум „AbcNews“ побара заменик-премиер Албанец. Тачи смета дека засега не постои можност за хомогенизација на албанскиот фактор и да се обезбеди поддршка и гласови потребни за избор на етнички албански премиер.
За идејата премиер Албанец, ДУИ ја побара и поддршката на албанските политички партии. Талат Џафери побара да се создаде заедничка платформа за поддршка на оваа идеја. Лидерот на АА, Зијадин Села, вели дека не се занимаваат со предлозите на ДУИ поради тоа што, како што рече, тие се манипулативни. Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, пак, вели дека доколку победат на избори ќе седнат со албанската опозиција само за да работат на интерес на Албанците. Генералниот секретар на Движење Беса, Арјанит Хоџа, вели дека доколку се свика тркалезна маса, тие ќе учествуваат и ќе бараат отчет од ДУИ.
На претходните избори, албанските партии потпишаа Албанска платформа преку која се залагаа за подигнување на статусот на Албанците во Македонија.