Премиерот Мицкоски со „куфер“ познати аргументи во Брисел  

Премиерот Христијан Мицкоски утре патува во Брисел на Самитот ЕУ-Западен Балкан со ветер во грб и стандардниот „куфер“ во кој се спакувани добро познатите аргументи за македонските евроинтеграции. Мицкоски денеска изјави дека очекува новиот состав на Европската комисија, по средбите на почетокот на овој месец, веќе да има повеќе информации и да се дојде до решение не само за првиот чекор, туку решение што ќе нè однесе до крај. Во меѓувреме, по нон-пејпрот што го подготвија Словенија и Германија, а кој предвидува дека во претпристапниот процес на Европската Унија да нема можност за вето поради билатерални прашања, и министрите за надворешни и европски прашања на Австрија, Хрватска, Чешка, Грција, Италија, Словачка и Словенија испратија заедничко писмо до шефицата на европската дипломатија Каја Калас и до комесарката за проширување Марта Кос, во кое порачуваат дека е време за решителен напредок во интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. Во пресрет на Самитот, и новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта, испрати порака дека проширувањето кон Западен Балкан е најважната геополитичка инвестиција што ЕУ може да ја направи

25

Премиерот Христијан Мицкоски утре патува во Брисел на Самитот ЕУ-Западен Балкан со ветер во грб и стандардниот „куфер“ во кој се спакувани добро познатите аргументи за македонските евроинтеграции. Мицкоски денеска изјави дека очекува новиот состав на Европската комисија, по средбите на почетокот на овој месец, веќе да има повеќе информации и да се дојде до решение не само за првиот чекор, туку решение што ќе нè однесе до крај. Македонскиот премиер рече дека ЕУ треба да се врати на старите шини и да шири вредности кои ќе се темелат на мерит-системот.

-Очекувам од мојата последна посета на Брисел, новата Комисија, односно луѓето што се дел од Комисијата имаат дополнителни информации. Потврдени се две билатерални средби, со Каја Калас, висок претставник на ЕК за надворешна политика и безбедност, со премиерот на Шпанија, Санчез, и очекувам уште една билатерална средба надвор од мултилатералните средби. Бидејќи средба не е само да објавиме дека сме се ракувале или сме си намигнале или насмеале со некој, туку таа средба треба да донесе нешто добро за граѓаните. По средбата со Кос и Кошта го заокружуваме овој спектар на билатерални средби, по што сите ќе знаат кои се нашите аргументи, кои се нашите стравувавања, зошто сме загрижени и дека сме подготвени да најдеме решение, коешто не е решение само за првиот чекор, туку е решение коешто ќе не однесе до крај. Затоа што ова е решение коешто тие го кажуваат за првиот чекор. Такво решение, не благодарам, рече Мицкоски и додаде дека кога еднаш ќе направите преседан, треба да сте свесни дека тој преседан ќе стане правило.

Во меѓувреме, по нон-пејпрот што го подготвија Словенија и Германија, а кој предвидува дека во претпристапниот процес на Европската Унија да нема можност за вето или блокада поради билатерални прашања со соседните земји, и министрите за надворешни и европски прашања на Австрија, Хрватска, Чешка, Грција, Италија, Словачка и Словенија, собрани во групата Пријатели на Западен Балкан, испратија заедничко писмо до шефицата на европската дипломатија Каја Калас и до комесарката за проширување Марта Кос, во кое порачуваат дека е време за решителен напредок во интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ и презентираат конкретни чекори за поддршка на регионот на неговиот пат кон ЕУ. Во пресрет на Самитот, и новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта, испрати порака дека проширувањето кон Западен Балкан е најважната геополитичка инвестиција што ЕУ може да ја направи.

Во писмото до Калас и Кос, Пријателите на Западен Балкан наведуваат дека „со агресивната војна на Русија против Украина и другите безбедносни предизвици за нашиот континент, политиката на проширување, една од најефикасните геополитички алатки на ЕУ, доби нова и моќен поттик“, пренесува РТС. Како што посочуваат министрите, во таа смисла, Западен Балкан ќе биде геостратешки лакмус тест за Европската Унија.

– Само со интегрирање на овој регион во нашето семејство на ЕУ можеме да обезбедиме стабилност и просперитет на нашиот континент. Ќе продолжиме да поддржуваме уште подинамичен, кредибилен и ефикасен процес на проширување. Дојде време за одлучувачки напредок и ние ќе продолжиме да му помагаме на регионот да ги постигне суштинските чекори на патот кон пристапување во ЕУ, се вели во писмото.

Министрите повикуваат на воспоставување јасна агенда и временска рамка за целосна имплементација на Планот за раст и унапредување на постепената интеграција во единствениот пазар, како и во другите политики на ЕУ, кога ќе се исполнат сите потребни услови.

Пријателите на Западен Балкан сметаат дека тоа треба да обезбеди опиплива перспектива за членство во ЕУ и да произведе повидливи резултати за граѓаните на Западен Балкан, особено за младите, како и да придонесе за зајакнување на нивната поддршка за ЕУ.

За да се постигнат овие цели, тие ги охрабруваат партнерите од Западен Балкан да ги забрзаат неопходните реформи, да се ангажираат за регионална соработка, да ги поттикнуваат добрососедските односи преку помирување и решавање на отворените прашања и да спроведат заеднички регионален пазар кој е „отскочна даска кон единствениот пазар“.

Геополитичка инвестиција

Во пресрет на Самитот, и новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта, испрати порака дека проширувањето кон Западен Балкан е најважната геополитичка инвестиција што ЕУ може да ја направи и затоа лидерите на 27-те земји членки и лидерите на Западен Балкан повторно утре ќе се сретнат во Брисел. Според Кошта, „во овие несигурни времиња, повеќе од секогаш ние треба да работиме заедно“.

-Иднината на Западен Балкан е во Европската Унија. ЕУ е сериозна кон своите обврски. Ова не се само празни зборови, ние инвестираме во мир и просперитет за сите луѓе на Западен Балкан. Инвестираме во заедничка иднина, вели Кошта во кусото видео објавено на „Х“.

Деновиве, министерката за надворешни и европски работи на Словенија, Тања Фајон, во интервју за црногорската агенција МИНА изјави дека Словенија и Германија подготвија нон-пејпер кој предвидува дека во претпристапниот процес на Европската Унија нема можност за вето или блокада поради билатерални прашања со соседните земји. Оваа иницијатива, според неа, е насочена кон забрзување на целиот процес на проширување на ЕУ и елиминирање на можноста за прекумерни блокади на билатерални основи кои би го одолговлекле пристапувањето на земјите кандидати.

-Тоа е иницијатива за забрзување на целиот процес на проширување, односно на претпристапниот процес, за да немаме премногу можности да ставиме вето и да блокираме соседите поради билатерални прашања и да ја искористиме можноста за гласање со квалификувано мнозинство (QMV) неколку пати во текот на процесот, рече Фајон.

Фајон истакна дека реформите што треба да се спроведат во земјите кандидати се индивидуални за секоја држава и дека самото отворање и затворање на преговорите со ЕУ не е толку техничко, туку повеќе политички процес.

Нова динамика во процесот на проширување

Во среда во Брисел ќе се одржи редовен годишен самит на лидерите на ЕУ и на земјите од регионот. Ова ќе биде прв самит со кој ќе претседава новоизбраниот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта. Шефовите на држави и влади на ЕУ ќе ја усвојат декларацијата на крајот на самитот, а од регионалните лидери се очекува да се усогласат со неа. Меѓу другото, ќе се констатира дека проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот.

-Има нова динамика во процесот на проширување. Забрзувањето на процесот на пристапување, врз основа на правична и ригорозна условеност и принципот на сопствените заслуги, е во наш заеднички интерес, се вели меѓу другото во нацртот на завршната декларација дека лидерите ќе усвојат на крајот од самитот што ќе се одржи на 18 декември.

Македонската делегација на Самитот ќе биде предводена од премиерот Христијан Мицкоски, во чиј состав ќе бидат и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани, а според најавите, ќе одржат билатерални средби со високи претставници на ЕУ и на земјите членки.

На почетокот од овој месец, премиерот Мицкоски во Брисел повторно ги претстави македонските позиции за одложено дејство на уставните измени, овој пат, пред новите европски лидери во европските институции. Веднаш по враќањето од Брисел, Мицкоски изјави дека Македонија има цврсти аргументи и сите тие биле пренесени на средбите во Брисел, со новото раководство на европските институции. Премиерот тогаш најави дека ќе ги изнесе тие аргументи и на утрешниот самит ЕУ – Западен Балкан. Мицкоски истакна дека тоа е нов состав на Европската комисија и голем дел од информациите се нови за нив, рече дека не верува во инстант решенија, но очекува откако ќе се разработат, во периодот што следува да се обликуваат нови можни решенија за надминување на спорот со Бугарија и започнување на преговорите на земјава со Европската Унија. (В.С.Н.)