Премиерно во Драмски: „Мојот маж“ – претстава која соголува и поттикнува…

596

Промашениот живот, неверството и грижата на совест се трите главни теми кои ги обработува најновата претстава „Мојот маж“, во режија на Нела Витошевиќ, работена според расказите на Румена Бужаровска, а која премиерно ќе можеме да ја видиме на 15 февруари (20 часот) во Драмскиот театар во Скопје.

„Се обидовме да нурнеме во нашите мисли, да трагаме по нашата психа и да отвориме некои горливи прашања за нашето општество. Книгата на Румена Бужаровска претставува повеќе раскази раскажани од женската перспектива, од кои одбравме шест. Претставата, на некој начин, води дијалог со расказите на Румена, а имаме и авторски документарен материјал кој произлегува од темите кои ги обработува авторката“, објаснува режисерката.

Таа додава и дека претставата е обид да се проговори за некои стигми и табуа кои се длабоко вкоренети во македонскиот конзерватизам и патријархат. Истовремено, додава таа, на искрен и реален начин да се воспостави дијалог и со самата публика за депресивното општество во кое живееме и во кое сме константно во некаков дијалог со самите себе, колку нашите животи имаат поента, од каде доаѓаат нашите пориви за неверството, судирот на традиционалното и современото сфаќање во однос на ова прашање и грижата на совест која е универзална тема, а која се провлекува во секој од расказите на Бужаровска.

„Расказите и авторските монолози имаат цел да поттикнат надминување на стереотипите и предрасудите…“, стои во најавата на претставата.

Во претставата играат: Сара Климоска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиевска, Сања Арсовска, Трајанка Илиева –Вељиќ, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ и Исмет Шабановиќ. Тие за претставата ќе кажат „многу емоции на сцена, искрена и храбра претстава во која соголивме и одделивме по едно парче и од нашите животи…“. Драматург е Викторија Рангелова-Петровска, сценографијата е на Костантин Трпеноски, а костимите на Роза Трајчевска-Ристовска. (Д.Т.)