Премиера на „12“ со моќна машка актерска екипа како поротници; Претставата е посветена на Мирко Попов

770

„12“, која е во адаптација и режија на Синиша Евтимов, а работена по мотивите на теледрамата „12 гневни луѓе“ од Реџиналд Роуз, премиерно ќе биде изведена вечерва (20 ноември), на големата сцена на МНТ. Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски, Сашко Коцев е моќната машка актерска екипа што ќе ги толкува улогите на поротниците во најновата претстава на МНТ

Претставата „12“ во која игра машкиот дел од кремот на македонското глумиште и која е во адаптација и режија на Синиша Евтимов, а работена по мотивите на теледрамата „12 гневни луѓе“ (12 Angry Men) од Реџиналд Роуз, премиерно ќе биде изведена вечерва (20 ноември), со почеток од 20:00 часот, на големата сцена на Македонскиот народен театар.

Подготовките започнаа на почетокот од септември, а режисерот Евтимов за оваа претстава собра моќна машка актерска екипа составена од: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев. Тања Ивановска ги позајмува гласот на Судијата.

Приказната во претставата ја следи поротата од 12 луѓе додека размислуваат дали да осудат или да ослободат 18-годишен обвинет за убиство на неговиот татко, принудувајќи ги поротниците да ги преиспитаат сопствените морални вредности, ставови, предрасуди и мислења. Одбраната и обвинителството ги дале доказите на судењето, а поротата е испратена во посебна просторија за да одлучи дали младиот човек е одговорен за убиството. И она што на почетокот изгледа како лесна одлука, веднаш да се гласа и да се прогласи за виновен младиот човек, сепак прераснува во сериозна дискусија околу вистината за она што навистина се случило за време на убиството. На почетокот единствениот што се противи на смртната казна и се сомнева во доказите што ги изнесува обвинителството е поротникот број 8…

Асистент на режисерот е Борјан Стојков, костимограф е Александар Ношпал, сценограф и дизајнер на светлото – Мартин Манев, а музиката е на „ПМГ Колектив“.

Претставата е дел од годишната програма на МНТ за 2024 година и е наменета за возрасната категорија над 16 години.

– „12“ му е посветена на нашиот прерано починат соработник и, пред сѐ, голем пријател, Мирко Попов – додаваат од МНТ.

Инаку, списокот со претстави што ги режирал Синиша Евтимов е обемен и разновиден, и во жанровска смисла и во однос на театарските куќи во кои работел. Претстави што ги има режирано во МНТ се: „Едмонд“ (1996) од Дејвид Мамет, „Венко“ (2000) по текст на Благоја Ристески-Платнар, „Дипломец“ (2004), „Сомнително лице“ (2007) од Бранислав Нушиќ, „Така било пишано“ (2010) по текстот на Сашко Насев (праизведба), „Кој се плаши од Вирџинија Вулф?“ (2012) според Едвард Олби и последните две комедии – „Не се клади на Енглези“ (2014) според Владимир Гурѓевиќ, претстава што е на репертоарската програма веќе десетта година и сѐ уште ги полни салите, и „Мој термин“ (2019) според мотивите на Лорен Бафи и на Висенте Виљануева. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ