Претставата „Тарзан“ од Рок Вилчник, а во режија на Александар Јовановски, својата премиера ќе ја има на 2 ноември, во 20 часот, на сцената на Театар Комедија. Драмскиот текст „Тарзан“ од словенечкиот автор Рок Вилчник е црна комедија, во која комичниот ефект се постигнува со комбинирање на типизирани ликови и неочекуваните ситуации во кои тие се сместени. Дијалогот во драмата е лесен и забавен, но со развојот на дејството хуморот станува покритичен и поостар, отворајќи ни голем број прашања за нашиот материјалистички свет.

Улогите во претставата, која е наменета за лица над 16 години, ги толкуваат: Едмонд Сотир (Тарзан), Ева Скендеровска (Џејн) и Столе Мицов (Хиената).

-Спокојниот и идиличен брачен живот во џунглата на благородниот дивјак Тарзан и неговата жена Џејн почнува да доживува криза кога кај Џејн се јавува здодевноста од едноличните секојдневија и од ограниченоста на можностите. Нејзините барања кон Тарзан за модернизирање и цивилизирање на нивниот дом постојано се наголемуваат, а тој е растргнат помеѓу нејзините желби и своите потреби, коишто се повеќе животински отколку човечки. И додека Тарзан се труди да ја задоволи Џејн и притоа да внимава да не ја загрози природната средина во која живеат, во нивниот живот се појавува хиената Мајк. Мајк е елоквентен, забавен, духовит, но и манипулативен и успева да ја заведе и да ја заслепи Џејн, подгревајќи ги нејзините апетити за луксузен и удобен човечки живот што не може да го има со Тарзан. На повидок е љубовен триаголник, што е референца за современиот урбан човек, кој интимните прашања ги сведува на трансакциски односи. Идејата за инстинктот и за разумот добива нови нијанси и секој лик-теме од овој триаголник ги открива своите мрачни страни, посочуваат од Театар Комедија за претставата.

Рок Вилчник (1968) е истакнат словенечки поет, драмски писател, режисер, сценарист и драматург. Автор е на четири поетски збирки, четири романи, повеќе од 35 драмски текстови. Неговите пиеси биле девет пати номинирани за Грумовата награда, што ја добил трипати за драмите „Тоа“ (2000), „Ѓубре на месечината“ (2008) и „Народен демократски циркус Сакешвили“ (2016).

Превод од словенечки јазик го направиле Винсент Вилчник и Зорица Манаскова-Станковиќ, костимите се на Марија Ѓоргиевска, сценографијата – на Милан Несторов, а музиката е на Лука Тошев.