– Во претставата се занимаваме со човечката природа, со нашата темна и светла страна. Дали таа е вродена или се учи? Дали во секој од нас постои некаков Ричард Трети. И дали нас околностите во светот нè вајаат да бидеме вакви какви што сме или исконски во нас тлеело нешто. Кои сме ние како луѓе, и зошто имаме потреба да се самоуништуваме како вид, рече на вчерашната прес-конференција, актерот Мартин Мирчевски, кој го толкува насловниот лик, и по чија адаптација и режија вечерва, во 20 часот, ќе се изведе претставата на сцената на Народниот театар – Битола

„Ричард Трети“ од Вилијам Шекспир е новата претстава во адаптација и режија на актерот Мартин Мирчевски, која како независна продукција, премиерно ќе се изведе на сцената на Народниот театар – Битола, вечерва (25 октомври), со почеток од 20 часот. Ова е трета премиера од сезоната 2024/25, а се реализира во копродукција со Народниот театар – Битола и како дел од одбележувањето на 80-годишнината на оваа театарска институција.

-Во претставата се занимаваме со човечката природа, со нашата темна и светла страна. Дали таа е вродена или се учи? Дали во секој од нас постои некаков Ричард Трети. Бидејќи и Ричард Трети, некогаш бил бебе, како и најголемите убијци. И дали нас околностите во светот нè вајаат да бидеме вакви какви што сме или исконски во нас тлеело нешто. Кои сме ние како луѓе, и зошто имаме потреба да се самоуништуваме како вид. И каде се лошите луѓе – тие не се настрана, тие се тука меѓу нас, рече на вчерашната прес-конференција Мирчевски, кој го толкува насловниот лик. Посочи и дека претставата се занимава со лицемерство и со полтронството.

Ова е третпат Мирчевски да режира и да рече дека кај него долго време зреела идејата за оваа претстава која поставува и разгледува актуелни прашања.

-Зошто ние како луѓе, како суштества имаме толку самоуништувачки нагон, за сопствениот вид да си го сотреме? Дали постои некое друго суштество некаде во природата кое толку сака себеси да се самоубие? Видете што се случува моментално во светот. Гори половина свет. Тоа не е нормално, ние не живееме во нормални околности. Никогаш човекот досега не бил толку во контролирана слобода како сега. Ние живееме во контролирана слобода. Всушност, и не живееме, ние преживуваме, односно поголемиот дел од луѓето. Треба да се бориме за својата потполна слобода. И дали гледаме само за себеси? Но дали ако сме среќни, а другите околу нас не се, можеме да бидеме потполно среќни?, додаде тој на прес-конференцијата.

Зборуваше и за театарот и за тоа дека претставите се тие кои треба да ја вратат публиката. – Театарот треба да се занимава со градење светови, тој е возбуда, страст, и кога ќе дојде публиката тука – треба да плаче, да се смее, емотивно да ја допреме, треба ние да ја возбудиме, треба да почувствува некаква страст кај нас за потоа таа да се пренесе кај неа, истакна Мирчевски.

Во претставата ликовите, покрај Мартин Мирчевски, ги толкуваат и Илина Чоревска, Маја Андоновска-Илијевски, Викторија Степановска-Јанкуловска, Марија Стефановска, Александар Стефановски, Филип Мирчевски и Кристијан Танчевски.

„Јас ја играм лејди Ана, таа е најчистиот лик, или би требало да биде, но како што спомена Мирчевски во секој од нас живее по еден Ричард Трети. Токму лејди Ана е пример како најчистата душа во еден момент го добива тој ѓаволски призвук и покажува дека човекот во својата природа може да оди до крајности. Станува збор за жена која губејќи го сопругот, го губи идентитетот“, истакна Викторија Степановска-Јанкуловска.

За Маја Андоновска-Илијевски, оваа претстава „Ричард Трети“ не се занимава со историјата, со кралските семејства, со Лондон, со Англија, туку се занимава со секоја земја, географски и временски неодредена, и со човечкиот идентитет.

– Мене ми е втора соработка со Мартин како режисер, работевме заедно на „Ревизор“ претходно. Јас го играм ликот на војвотката, мајката на Ричард Трети. За мене беше голем актерски предизвик, која е мајката која го раѓа најголемиот убиец, монструм на едно време? И како е таа амнестирана, или не е амнестирана бидејќи родила човек кој убива сè живо, дури и нејзините останати деца. Во претставата се поставува прашањето кои се ликовите на Ричард Трети – денес, додаде таа.

 

Актерката Илина Чоревска, пак, годинава одбележува 20 години од нејзината прва професионална претстава на сцената, што се поклопува со јубилејот – 80 години на битолскиот театар.

„Претставата е многу актуелна и тоа е за мене единствената задача на театарот, да се прават претстави кои говорат нешто за времето во кое живееме. Го играм ликот на Елизабета, жена која е моментално на тронот, но скапо ја плаќа цената за тоа“, рече таа.

Сценографијата е на Валентин Светозарев, шминката и специјалните ефекти на Стефанија Илиевски, костимографијата на Андреј Ѓоргиевски-Папаз, но голема благодарност екипата упати до Марија Пупучевска. Преводот е на Драги Михајловски. Светло-мајстор е Игор Мицевски, а тон-мајстор Николче Терзиевски. (Н.И.Т.)