Во Десинг салата во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје вечерва ќе се одржи премиера на претставата „Снег“ од Максанс Фермин на Независниот театар „Штрих“. Претставата е во режија на Зоја Бузалковска.

Како што посочуваат, „Снег“ зборува за себепотрагата и за љубовта. Таа го следи патот на младиот поет Јуко Акита до себеси и до боите во неговите снежнобели хаику стихови. На тоа необично патување до разгатнувањето на тајните на уметничката креација, Јуко открива прекрасна, љубовна историја, нежна и суптилна, која засекогаш ќе го промени неговиот живот.

– Иако прекрасната новела „Снег“ е дело на францускиот автор Максанс Фермин, таа во себе ја содржи срцевината на јапонската култура во најширока општествена и историска смисла. Освен тоа, таа е новела-мост помеѓу двете култури, онаа на Далечниот Исток и онаа на Западот. Во таа смисла, работата на еден ваков материјал е огромна провокација за целиот креативен и актерски тим, зашто подразбира истражување и учење на култура која е тотално различна од нашата, како и усвојување на низа вештини, потребни за да се раскаже оваа толку необична бајковидна приказна, соопштија од Независниот театар „Штрих“.

Претставата ќе биде прикажана и утревечер во МКЦ.