Управата за јавни приходи во соработка со претставници на Стопанските комори, Коморите на сметководители, Адвокатската комора, ревизорски куќи и консултанти, формираше Совет за даночна усогласеност. Целта е преку овој советодавен орган да се овозможи меѓусебна тесна соработка за да се подобрат процесите на даночна усогласеност, да се разменуваат и идентификуваат предизвиците со кои се соочуваат даночните обврзници мали и средни претпријатија и нивните советници и брзо да се креираат предлог препораки за унапредување на даночната политика и регулативите.
– Иновациите во процесите, технологиите и услугите за даночните обврзници се клучни за успехот на УЈП во новата реалност. Со агилност и флексибилност, УЈП ќе се прилагодува на брзите промени, со цел заедно, партнерски да обезбедиме одржливост, сигурни приходи и даночна усогласеност на сите чинители во економијата – рече директорката на УЈП, Елена Петрова која го презентираше Стратешкиот план на УЈП 2025 – 2027 „Напред во чекор со предизвиците и реалните можности“, новата визија и приоритетните проекти на УЈП.
Претседавачот на Советот за усогласеност, Мухедин Авдиќ, пред присутните појасни дека телото кое УЈП го формира со малите и средни претпријатија, ќе разгледува решенија кои би го подобриле функционирањето и ефикасноста на процесите, услугите и законските овластувања на УЈП, засновани на реалните предизвици и потребите на даночните обврзници.
– Со тоа ќе се овозможи помал јаз во знаењето и разбирањето, ќе се делува проактивно за спречување на грешки во плаќањето даноци и ќе се зајакнува даночната усогласеност. Советодавното тело ќе разгледува документи кои се однесуваат на мониторинг и анализа на примената на даночните регулативи. При тоа соработката може да ги вклучи и судските органи кои се вклучени во решавање на даночните спорови. Со тоа се поттикнува усогласено разбирање на даночната регулатива и спроведување на даночната политика, но и можност за носење заклучоци за подобрување – истакна Авдиќ во обраќањето пред присутните.
Советот, како што појасни ќе се фокусира на подобрување на ефикасноста на услугите, преку организирање на настани како тркалезни маси и работилници, кои ќе го унапредат знаењето на учесниците за новите регулативи и најдобрите практики во областа на даночната усогласеност.
Присутните претставници на мали и средни компании, здруженија и комори ја поздравија оваа иницијатива и изразија поддршка за продлабочување на соработката, како и заедничкото креирање на препораки кои ќе го подобрат даночниот систем и ќе ја унапредат даночната дисциплина во земјата. Тие нагласија дека формирањето на Советот е значајна можност за подобрување на комуникацијата и разбирањето помеѓу даночната администрација и даночните обврзници.
Со оваа иницијатива, УЈП има за цел да ја унапреди комуникацијата со даночните обврзници, да го зајакне нивното разбирање за даночните обврски и да поттикне проактивност во спречувањето на грешки при плаќањето на даноци. Во рамките на Советот, ќе се разгледуваат и стратешки иницијативи и даночни реформи, со цел да се создаде средина која ќе интегрира нови технологии и ќе го модернизира процесот на даночното пријавување и наплата.
Покрај тоа, Советот ќе се фокусира и на етичкиот аспект на даночната пракса, поттикнувајќи одговорно однесување и почитување на законите, како од страна на даночните обврзници, така и од страна на даночната администрација. Формирањето на овој Совет претставува значаен чекор кон зајакнување на даночната усогласеност и создавање партнерски однос помеѓу УЈП и даночните обврзници, што ќе придонесе за општествениот просперитет и развој.