Како што велат од УЈП, преку проектот „Мој ДДВ“, кој започна на 1 јули 2019 година, досега на граѓаните им се вратени 7,3 милијарди денари. Согласно со нивните анализи, над 530 илјади граѓани во април, мај и во јуни годинава скенирале 86,9 милиони фискални сметки, со искажан промет од 54,2 милијарди денари

 

 

Управата за јавни приходи (УЈП) ја изврши исплатата на средствата од „Мој ДДВ“ за второто тримесечје од годинава, при што на граѓаните што скенирале фискални сметки во април, мај и во јуни вкупно, им се исплатени 707.246.087,00 денари. Како што велат од УЈП, преку проектот „Мој ДДВ“, кој започна на 1 јули 2019 година, досега на граѓаните им се вратени 7,3 милијарди денари.

– Во наредните денови, ќе се врши исплата кај оние корисници на апликацијата што направиле промени во својата трансакциска сметка. Во ова второ тримесечје, 13.402 граѓани се нови корисници на апликацијата „Мој ДДВ“ – информираат од УЈП.

Согласно со нивните анализи, над 530 илјади граѓани во април, мај и јуни годинава скенирале 86,9 милиони фискални сметки, со искажан промет од 54,2 милијарди денари.

–  Управата за јавни приходи апелира до граѓаните корисници на апликацијата „Мој ДДВ“ да внесат точни податоци за да се изврши навремена исплата. Најчести причини поради кои не се врши исплатата се: погрешно внесена трансакциска сметка, внесена трансакциска сметка на друго лице, а не на корисникот на апликацијата или внесен број на платежната картичка наместо оној на трансакциската сметка, сметка која е веќе згасната или воопшто не е внесена – велат од УЈП и додаваат дека проектот „Мој ДДВ“ успешно се реализира и успешно ги остварува двете главни цели: враќање пари кај граѓаните и спречување на сивата економија.

Потсетуваат дека од 1 јануари годинава, од 1.800 на 2.100 денари е зголемен лимитот за највисокиот износ на враќање на дел од ДДВ изразен во фискалните сметки за едно тримесечје за корисник.