Македонските извозници во земјите од Европската Унија мора да се подготват за трошоците за декарбонизација на производството за да се намали емисијата на јаглероден диоксид (ЦО2). На 10 мај 2023 година, ЕУ ја донесе регулативата што се однесува на Механизмот за гранично јаглеродно приспособување (CBAM), кој стапи на сила на 1 октомври 2023 година.

Преодната фаза од примената на регулативата започна на 1 октомври 2023 година и ќе трае во наредните две години. Таа наложува плаќање прекуграничен данок за цемент, алуминиум, вештачко ѓубре, производство на електрична енергија, железо и челик со поголем удел на јаглерод диоксид.

Спроведувањето на CBAM-механизмот ќе доведе до намалување на приходите за индустриите во овие шест сектори лоцирани во трети земји. Досега тие извезуваа стоки во ЕУ без да мораат да плаќаат данок за јаглеродот што се емитува во процесот на производство на нивната стока.

Постепеното собирање на данокот започнува на 1 јануари 2026 година, а неговиот целосен износ од 100 проценти – од 2034 година. Ова нема да се однесува на извозниците што имаат напредна технологија во својот процес.

Карбонската такса, доколку почне да се применува од 1 јануари 2026 година, ќе ги засегне македонските извозници на железо и на челик, кои секоја година носат приходи од повеќе стотици милиони евра. Тука, секако, спаѓа и извозот на цемент, како и извозот на електрична енергија, затоа што базната струја се произведува во термоелектраната РЕК „Битола“, која користи јаглен.

Тоа, според претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, би можело да ја покачи струјата произведена од домашните термоелектрани за 60-70 евра за мегават-час.

– Оваа давачка ќе претставува сериозен товар за домашната економија и затоа се залагаме за одложување на оваа мерка. Доколку, пак, се примени, ќе побараме  финансиска помош од Европската комисија, слично како што ја добиваат и земјите членки на Унијата. Имаме период од една година за да дискутираме со претставниците на ЕУ за начинот кога и како да го применат ова земјите од регионот – рече Бислимоски.

Тој посочува дека при примена на таксата за јаглероден диоксид, има два пристапа. Едниот пристап е директно да се имплементира на цената на електричната енергија произведена од термоелектраните, со зголемување на цената на вака произведената електрична енергија, а вториот пристап е за секој производ од Македонија што ќе се извезува во земја членка на ЕУ, да се воведе дополнителна такса.

– Ние влеговме сериозно во зелената транзиција, до крајот на годинава ќе имаме нови инсталирани фотоволтаици, термоелектраната во Битола работи со помал капацитет, термоелектраната „Осломеј“ повеќе не работи отколку што работи, но ќе треба да се обезбедат пари оваа базна енергија што ќе ја загубиме од термоелектраните, како ќе ја замениме. Таква енергија може да ни дадат когенеративните постројки што произведуваат и електрична енергија и топлина – додаде Бислимоски.

Но, учесниците на конференцијата „Европски и регионални перспективи за напуштање на фосилниот гас“, која се одржа изминатава недела, во Скопје, не се согласуваат дека треба да ги замениме термоелектраните со гасни когенеративни постројки. Тие сметаат дека мора веднаш да се откажат плановите за проширување на гасната инфраструктура и да ги насочат своите инвестиции кон обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност за да постигнат вистинска енергетска трансформација и за да избегнат економски и еколошки ризици.

– Наместо нови гасни проекти, регионот треба да го насочи фокусот кон модернизација на енергетската инфраструктура, преку вложување во енергетската ефикасност и во обновливите извори на енергија – изјавија дел од говорниците и учесниците и предупредија дека долгорочната зависност од гас може да го забави процесот на декарбонизација и дека ќе ги пренасочи средствата потребни за енергетска трансформација кон стара технологија, чие користење ќе биде краткорочно и неодржливо.

Советникот за политики во глобалниот тинк-тенк Е3Г, Рафаел Аното, истакна дека континуираната нестабилност на цените и трошоците за гасната мрежа ја потврдуваат аргументацијата дека фосилниот гас не треба да биде транзициско гориво.

Александру Мустаца од меѓународната мрежа „Beyond Fossil Fuels“ ги предупреди земјите од регионот да не го заменуваат користењето на јаглен со фосилен гас.

– Иако Западен Балкан има само неколку гасни централи, повеќето земји од регионот имаат планови за изградба на нови капацитети. Наместо тоа, треба да се инвестира во безбедни сончеви и ветерни централи, кои се одржливи долгорочни решенија – нагласи Мустаца.

Светската банка, во својот неодамнешен извештај, посочи дека Македонија може да стане земја со нето нулта емисии ако инвестира 5,6 милијарди долари до 2050 година во декарбонизација на енергетиката, транспортната индустрија и во градежниот сектор. Земјата би требало да инвестира дополнителни 1,7 милијарди долари до 2030 година и 5,6 милијарди до 2050 година во енергетскиот систем за да постигне нето нула на ниво на целата економија, што е еквивалентно на околу 2,6 проценти од БДП годишно, во просек. Поголемиот дел од дополнителната инвестиција до 2050 година би отишол во секторот за електрична енергија и би бил најмногу насочен кон зголемување на капацитетите за производство на обновливи извори.

До 2030 година, половина од произведената струја во светот ќе биде од обновливи извори

Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) прогнозира дека до 2030 година повеќе од половина од вкупната електрична енергија во светот ќе се произведува од обновливи извори на енергија со ниски емисии. Оттаму сметаат дека побарувачката за нафта, јаглен и за гас ќе го достигне пикот на крајот од оваа деценија, што може да доведе до вишок фосилни горива.

– Брзо се движиме во ерата на електричната енергија, која сега го дефинира глобалниот енергетски систем во иднина, кој сè повеќе ќе се заснова на чисти извори – истакна извршниот директор на ИЕА, Фатих Бирол. 

Дека има голема експанзија на чиста енергија во енергетскиот сектор, зборува фактот дека само во текот на 2023 година биле додадени нови капацитети од 560 гигавати за производство на електрична енергија од обновливи извори.

– Заедно со нуклеарната енергија, која се обновува во многу земји, повеќе од половина од електричната енергија во светот ќе се произведува од извори со ниски емисии пред 2030 година – се наведува во прогнозите на ИЕА. 

(С.Бл.)