Презентација на преспанската традиција, храна и култура на манифестацијата „Запознај ја Преспа“

322

Странските и домашните туристи, но и локалните жители викендов ќе имаат можност да ги откријат убавините на преспанскиот регион, кутурата, храната и традицијата на првата манифестација „Запознај ја Преспа“.

Организатори на настанот се Општина Ресен, Рурални жени и Prespa Bike, во партнерство со „ЕУ за тебе“, Агенција за млади и спорт, Spirit of Prespa, Преспа град и Еко Герила.

Заинтересираните утре во Отешево може да присуствуваат на панел дискусијата на тема „Европски придобивки за регионот Преспа – искуства и можности“. Вечерта пак присутните ќе ги забавуваат бендовите Нокаут, БЛА, БЛА, БЛА…, локалните Инстинкт, Реприза и Екстраваганца и грчкиот бенд Anima Nation.

Покрај можноста за дегустација на традиционална преспанска храна на плажата во Дупени, презентација на локални органски производи, производи од јаболко, в недела ќе се реализира традиционалната велосипедска тура „Tour de Galichica“, а волонтерите од невладината Еко-герила со поддршка на Агенцијата за млади и спорт ќе го чистат преспанското крајбрежје во околината на Отешево. На плажата во Дупени ќе се одржи и турнир во одбојка, настап ќе има културно уметничкото друштво „Таше Милошевски“, а најавени се и многу игри и забава за најмладите.

Според Општина Ресен, присутните викендов ќе имаат можност да ги запознаат убавините и традицијата на Преспа, езерото, плажите, преспанското јаболко и прекрасната Галичица.