Пред почетокот на грејната сезона ќе се знае новата цена на парното

239

Наместо од 1 август, како што законски треба да одлучи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за новата цена на парното греење во Скопје, можно е да се случи тоа пред 15 октомври, кога почнува грејната сезона 2023-2024 година.

Првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски, во изјава за телевизија „Телма“ вели дека барањата што пристигнале до РКЕ од компаниите за топлинска енергија се тешки и комплицирани, поради што ќе им треба повеќе време за добро да ги разгледаат документите.

– Поради тоа, можно е наместо до крајот на јули, како што се прави вообичаено, новата цена за парното да се донесе пред почетокот на грејната сезона, односно пред 15 октомври. Дали и за колку би поскапело греењето, рано е да се каже. Но, овој пат ќе се носи една цена за сите потрошувачи – истакна Бислимоски.

Барања до РКЕ имаат доставено сите компании – ЕСМ Дистрибуција и снабдување бараат зголемување над 50 отсто, додека, пак, ЕСМ Производство – намалување од 29 проценти. Тој потенцира дека не сакаат да донесат одлука што би предизвикала ценовен шок.

– Компаниите треба да разберат дека РКЕ ќе носи одлуки што ќе бидат во интерес и на фирмите и на граѓаните. Потрошувачите можат да платат до одредено ниво. Ако би се зголемила цената драматично, ќе се повтори 2009 година, ќе има исклучување. Знаеме што се случи тогаш, голем број трафостаници се запалија, затоа што се проектирани луѓето да се греат на парно, не на струја, а во вакви кризни времиња не ни треба ваков луксуз – потенцира Бислимоски.

Тој објаснува дека најголем дел од причините за промена на цената се поради тоа што планираните количини топлинска енергија од ТЕ-ТО не биле испорачани, па морале да се надоместат од топланите, чија цена е повисока, долгот кон ЕСМ кој пак треба да го врати на Владата, но и поради варијациите на цената на гасот.

– Нивната цена е повисока од онаа на ТЕ-ТО. Таму имаме еден гап од 6-7 милиони евра, дополнително позајмувањето што го даде државата во јануари треба да се врати кај ЕСМ, а ЕСМ да го врати на Владата,  тоа се дополнителни 6 милиони евра, и тоа вкупно околу 12 милиони евра. Сè уште цената на гасот оди долу-горе. Тешки се барањата, сè што ние е на располагање – ќе се искористи – нагласува Бислимоски.

За да имаат граѓаните пристојни сметки, Бислимоски смета дека за буџетот нема да биде проблем да се издвојуваат од 3 до 4 милиони евра годишно за субвенции.