За да немате проблеми кога доаѓате во посета на некоја од словенските земји, сајтот Славорум наведе неколку примери на кои туристите треба да обрнат внимание кога доаѓаат некаде.
Ако некогаш сте биле во Русија, веројатно сте забележале дека Русите не се смеат премногу. А причината за тоа е едноставна – тие насмевката не ја сметаат за пристојна при комуникацијата.
Постојаното насмевнување може да се окарактеризира како знак на непочитување или како да имате некакви скриени намери. Тие исто така обрнуваат внимание на тоа кога се смеете, па ако ситуацијата или шегата не се смешни, а вие се насмевнувате, постои голема шанса да ве сметаат за неарни. Трета работа во врска со смеење во Русија е тоа што тие внимаваат за време на смеењето да не се гледаат забите, оти покажувањето на забите се смета за некултура, пишува порталот Славорум.
Ако одите во Босна и Херцеговина ќе ве збуни ритуалот на прифаќање подарок. Иако луѓето во Босна се многу отворени кон странците, па дури и лесно склопуваат пријателства, обичаите на дарување се по малку чудни. Имено, ако ви понудат скап и вам многу вреден подарок, клучно е повеќе пати да се колебате пред да го прифатите. Тие ќе бидат многу упорни, но бидете и вие, оти ако веднаш го земете она што ви се дарува, ќе ве сметаат за евтина и неблагодарна личност. Но, немојте ни премногу да одбивате оти тогаш ќе мислат дека за себе сметате дека сте подобри од нивниот подарок. Звучи збунувачки, но вам ви преостанува да го погодите вистинскиот момент.
Уште една битна работа кога станува збор за Словените. Немојте да претпоставувате дека некој е Русин само затоа што е Словен. Ова е прилично распространет феномен кој може да ве доведе до незгодна ситуација. На пример, ако некого од Украина го помешате со Русин или обратно. Морате да бидете многу претпазливи затоа што многу земји иако во нив живеат главно Словени, имале меѓусеби спорови, па дури и воделе војни во поблиското и подалечното минато. Ако на некој Полјак му кажете дека е Русин, тоа би било многу грубо кон полскиот народ и нивното национално наследство. Нема сите да реагираат исто, некои нема да се налутат и ќе ви објаснат, но не сите. Немојте да се изненадите ако добиете ќотек, особено ако некој Хрват го наречете Србин или обратно.
Клучно правило е да не разговарате за војна, национализам и политика на Балканот. Причината е многу едноставна, последната војна на овие простори заврши пред само 24 години, а луѓето се уште се огорчени и бесни. Можеби нема да западнете во сериозна неволја ама сигурно ќе ви биде непријатно.
Битно правило во словенските земји е никогаш да не подарувате парен број цветови, иако како и секаде во светот и тука цвеќето е знак за внимание. Но, пред на вашата словенска девојка да и купите цвеќе мора да знаете дека бојата, бројот и обликот на цвеќето се еднакво важни како и фактот дека сте решите да и се додворувате. Црвената значи страст, бела девственост и доблест, а жолтата е симбол на пријателство. Но најбитен е бројот на цветови.
На пример, на Балканот парен број цветови се носат исклучиво на погреб и на гробишта, па ако на девојката и дадете парен број рози таа ќе се навреди и ќе ве смета за некултурен. Освен тоа, пожелно е да одбегнувате жолта боја оти и таа често се поврзува со гробишта, пишува Славорум.
И на крај, никогаш, ама баш никогаш во нечиј дом не влегувајте со чевли.
Ако видите дека луѓето внатре се по чорапи или влечки, соблечете ги чевлите пред да влезете. Најдобар начин да знаете дали треба да се собуете или не е да погледнете каде се чевлите на домаќините. Ако се сокриени во шкаф можете да влезете облечени, но ако се на отворени полици или оставени во близина на вратата – вадете ги чевлите.