EPA-EFE/CHRISTIAN BRUNA

Директорот на тимот на Ред Бул, Хелмут Марко, смета дека предноста на австрискиот тим по првиот ден од тестирањето не е реална.

  • Ние сме единствените кои на вечерниот дел од тестирањето отидовме со нови среднотврди гуми. Поради тоа бевме доминантни во ноќната сесија. Вистинската предност што треба да ја имаме е некаде околу три десетинки, верува Марко.

Трикратниот светски шампион Макс Верстапен беше убедлив на стартот на тестирањата пред новата сезона во Формула 1, Холанѓанецот ги остави ривалите повеќе од една секунда зад себе, а тоа особено се однесува на вториот дел од тестирањето кога беше уште побрз од првата дневна сесија.

  • Убаво е чувството да се биде повторно во болидот и мислам дека имавме позитивен прв ден. Возевме многу кругови и успеавме да пробаме многу различни работи со болидот. Во текот на првите неколку круга се изненадив колку сум побрз од другите, дефинитивно се забавував. Задоволен сум од тоа како болидот реагираше на промените и балансот беше добар. Ова е само тестирање, но болидот е навистина добар, додава Верстапен.

Тестовите пред новата сезона во Формула 1 ќе траат уште утре, додека почетокот на новата сезона е закажан за 2 март, со трката за Големата награда на Бахреин, на патеката „Сакир“.