Предметот за Шпанските скали, Богдановиќ и го доставил на Русковска

131

Станува збор за вкупно 28 предмети за склучени договори за отуѓување на градежно земјиште по пат на јавно наддавање, вклучително и предметот за Шпанските скали, од општина Центар ги доставиле до Основно јавно обвинителство за организиран криминал и корупција и до Единицата за корупција во МВР

Извештаите за 28 предмети за склучени договори за отуѓување на градежно земјиште по пат на јавно наддавање, вклучително и предметот за Шпанските скали, од општина Центар ги доставиле до Основно јавно обвинителство за организиран криминал и корупција и до Единицата за корупција во МВР.

Ова, денеска на прес-конференција го изјави градоначалникот Саша Богдановиќ, образложувајќи детали од поедини предмети.

– Со одлука за вршење на работите за располагање со градежно земјиште сопственост на државата од 18.12.2018 година, општина Центар по долго време го добива на располагање неизграденото градежно земјиште во сопственост на државата и предметите поврзани со земјиштето. Станува збор за вкупно 28 предмети, а меѓу нив е и оној за Шпанските скали, за кој Обвинителство за организиран криминал и корупција минатата недела соопштија дека покренале обвинение – објасни Богдановиќ.

Тој појасни дека на почетокот на 80-тите години од страна тогашниот скопско-призренски бискуп Јоаким Хербут и тогашниот градоначалник на Скопје, Методи Антов, на местото на кое некогаш се наоѓала куќата на Мајка Тереза, во знак на почит, засадиле три дрва. На истата таа парцела во февруари 2012 година првпат во ДУП-от „Мал ринг“ се вцртани таканаречените „Шпански скали“.

– Во ноември 2013 земјиштето, кое се наоѓало во сопственост на државата, се отуѓува во корист на компанијата Амадеус Девелопмент за изградба на објект од комерцијални и деловни намени, но општина Центар го поништи одобрението за градење – рече Богдановиќ.

Како друг пример, тој го наведе и предметот на компанијата „Графички центар“, тогаш во сопственост на МПМ, за парцела во ДУП-от „Тетовска трошарина“ за изградба на објект со намена В3 – култура.

– Во декември 2012 година „Графички центар“ добива писмено известување од НУ „Конзерваторски центар“ дека на таа локација можно е да има подземни муслимански некрополи од 19 век и оти услов за добивање одобрение за градење е претходно да се направи сондажно-археолошко истражување. Иако „Графички центар“ не го извршува тоа сондажно-археолошко истражување, во декември 2013 земјиштето е отуѓено за изградба на објект со намена В3 – култура. Од октомври 2014 до февруари 2017, постојат преписки помеѓу Министерството за транспорт и врски, „Графички центар“ ДОО Скопје и НУ Конзерваторски центар – Скопје поврзани со барање за пролонгирање на рокот за добивање одобрение за градење поради пронајдени остатоци од муслимански некрополи од 19 век – објасни Богдановиќ.

Тој истакна дека ќе продолжи трендот на преземање дејствија и покренување истраги за сите предмети кои ги следи општината, односно за сите градежни парцели за кои се склучени договори за отуѓување градежно земјиште.