Вишиот јавен обвинител Јован Цветановски, против кого Државното обвинителство поведе дисциплинска постапка, ден потоа донел одлука за предметот познат во јавноста како „Бонусите на СЈО“, односно го укинал решението од Обвинителството за организиран криминал и корупција, каде што претходно беше запрена постапката и беше вратен предметот назад, на повторно постапување, информацијата за весникот ВЕЧЕР ја потврдуваат од ОЈОГОКК. Тоа практично значи дека истрагата, која беше камен на сопнување меѓу обвинителите во барокната палата, повторно е „жива“.
Потребни се нови закони во правосудството и нов кривичен законик согласно со ЕУ, потребни се обвиненија, пресуди, замрзнување на приходите од имот стекнат од корупција, самостојност во одлучувањето на судските органи. Политичките актери да се воздржат од мешање во правосудната власт. Да се промени менталитетот, да ги штитите јавните добра, време е да се помине од зборови на дела, порача заменик-шефот на делегацијата на ЕУ во земјава, Бен Наупнау
Вишиот јавен обвинител Јован Цветановски, против кого Државното обвинителство поведе дисциплинска постапка, ден потоа донел одлука за предметот познат во јавноста како „Бонусите на СЈО“, односно го укинал решението од Обвинителството за организиран криминал и корупција, каде што претходно беше запрена постапката и беше вратен предметот назад, на повторно постапување, информацијата за весникот ВЕЧЕР ја потврдуваат од ОЈОГОКК. Тоа практично значи дека истрагата, која беше камен на сопнување меѓу обвинителите во барокната палата, повторно е „жива“. Сега, по напатствија од Вишото јавно обвинителство, она за организиран криминал треба повторно да истражува дали обвинителите во поранешното СЈО, неговите истражители и службеници незаконски си делеле бонуси во висина од 4,6 милиони евра. За потсетување, предметот беше отворен од поранешната шефица Вилма Русковска, а по наводите од ревизорскиот извештај за сметката на обвинителството што требаше да ги гони криминалите што произлегоа од незаконски прислушуваните материјали. Решението за запирање на кривичната постапка го потпиша нејзиниот наследник, Ислам Абази, а партијата ВМРО-ДПМНЕ поднесе жалба до Вишото јавно обвинителство, кое деновиве беше мегдан на обвинувања за забошотени предмети, заговори и „местенки“. Обвинителот од Републичкото јавно обвинителство, Елвин Вели, на дискусијата во Собранието организирана по повод одбележувањето на Денот на борбата против корупцијата, рече дека според упатството што им го наложиле на сите обвинителства, бил и приоритетот за постапување по предметите што се по иницијатива на државниот ревизор, а еден од нив беше токму оној „Бонусите на СЈО“.
– Дадовме рок од десет дена обвинителствата да ја динамизираат работата на предметите од областа на високата финансиска корупција. Но, како втора борба против корупцијата треба да биде онаа во сопствените редови. Мора да го зајакнеме интегритетот на обвинителството – изјави обвинителот Вели.
Според ДЗР, освен десеттемина обвинители, бонуси од СЈО зеле и луѓе што не биле јавнообвинителски службеници, како истражители или возачот на Катица Јанева, кој, надвор од редовната плата, зел додатоци од 30.000 евра. Според јавно достапните податоци, сумите што ги добиле обвинителите за речиси четири години се движеле од 70.000 до 107.000 евра. Поранешните специјални обвинители денеска се на обвинителски позиции,а некои од нив беа унапредени во повисоките обвинителства. За бонусите на поранешното СЈО, кои се воделе како класифицирана информација, јавно зборуваше суспендираниот шеф на Вишото обвинителство, Мустафа Хајрулаху, предмет поради кој се сомнева дека државниот обвинител Љупчо Коцевски му иницирал кривична одговорност за мобинг врз вработени. Обвини дека Коцевски му вршел притисок да ја отфрли жалбата на ВМРО-ДПМНЕ, со образложение дека партијата нема својство на оштетен. Пратеникот од владејачката партија, Љупчо Пренџов, кој истовремено е и претседател на интерпарламентарната Група за борба против корупцијата, во излагањето по повод Денот на борбата против корупцијата потенцира дека не може да се видат дисциплинирање и коренити промени во обвинителството.
Борбата против високата корупција е нотирана во последниот извештај на ЕК како област во која нема напредок. Заменик-шефот на делегацијата на ЕУ во земјава рече дека многу малку е направено, дека ништо не се менува во борбата против корупцијата и дека политичарите останале на своите декларативни изјави.
– Властите да постапуваат по реформаторската агенда во која високо е позиционирана борбата против корупцијата. Очекувањата на Европската Унија се самостојност во правосудниот систем, професионалноста и интегритетот да бидат правило, а не исклучок. Потребни се нови закони во правосудството и нов кривичен законик согласно со ЕУ, потребни се обвиненија, пресуди, замрзнување на приходите од имот стекнат од корупција, самостојност во одлучувањето на судските органи. Политичките актери да се воздржат од мешање во правосудната власт. Да се промени менталитетот, да ги штитите јавните добра. Време е да се помине од зборови на дела – порача заменик-шефот на делегацијата на ЕУ во земјава, Бен Наупнау.
Една од постапките во Обвинителството за организиран криминал, каде што деновиве има контрола врз предметите, е и за случајот „Соравија“, во кој е инволвиран внукот на лидерот на ДИУ Али Ахмети, Дрин. Според наводите од предистрагата, без да вложи денар, станал сопственик на 39 % отсто од акциите на трговскиот центар. Според информациите од Обвинителството за организиран криминал, се чекаат податоците од американските власти, кои се прибавуваат по меѓународна правна помош. (П.А.)