Во просториите на Малата сала на Факултетот на музичка уметност во Скопје, на 9 октомври со почеток од 17:00 часот ќе биде одржано предавање под наслов „На извориштето на македонскиот институционален театар 1949-1969 година“.

Предавањето ќе го одржат критичарката Емилија Џипунова, претставник на правата генерација на македонски танчери, како и професорките Елизабет Колевска и Соња Здравкова-Џепароска.

Ќе бидат презентирани информации од истражувањето фокусирано на првиот конститутивен период од македонската балетска историја со осврт на информации кои помалку ѝ се познати на стручната јавност.

-Во годината кога Балетот на НОБ слави 75 години постоење од особено значење е да се расветлат и теориски анализираат репертоарот, изведувачите и луѓето кои работеле на втемелување на оваа уметничка гранка во нашата земја. Првите две децении се од исклучителен интерес поради политиките кои го трасирале понатамошниот развој, се посочува кон предавањето.

Влезот за заинтересираните е слободен.