Измачен и расплакан Сенегалец силно прегрна една волонтерка на шпанскиот Црвен крст, а тој момент беше овековечен со фотографија што го обиколи светот и набргу ја нарекоа човечкиот лик на мигрантската криза, но одговорот беше поразителен.

Над 8.000 илегални мигранти во четвртокот преку Мароко влегоа во шпанската енглава на северот од Африка.

Тука волонтерката на шпанскиот Црвен крст е снимена како теши еден мигрант на плажата на Сеута. Луна Рејес (20) за шпанската телевизија раскажа дека не му го знае името на човекот и дека само знае оти е од Сенегал.

-Плачеше, му подадов рака, а тој тогаш ме прегрна. Силно ме прегрна. Таа прегратка за него значеше спас, вели таа за РТВЕ.

Потоа, како што раскажува била затрупана од расистички и сексистички коментари дотаму што морала да ги заклучи своите друштвени мрежи. Медимите пренесуваат дека ја нападнале симпатизери на десничарската партија Вокс.

-Видоа дека мојот дечко е црнец, не престанаа да ме навредуваат и ми кажуваа грозни, расистички работи, вели Луна која за Црвениот крст работи од март.

Но потоа се случи пресврт. По нападите следуваше бран поддршка. Сега низ Твитер се шири движењето #GraciasLuna, со кое на Луна ѝ се дава поддршка од секаде од светот.

„#GraciasLuna ги претставува најдобрите вредности на нашето општество,“ рече шпанската министерка Надја Калвињо, а нејзин колега коментираше дека таа фотографија е симбол на надеж и солидарност.

-Ние сме организација во која има толку многу Луни, кои им помагаат на луѓето како тој човек што доаѓаат во Сеута секој ден, напиша шпанскиот Црвен крст на Твитер.

-Нема да дозволиме омразата да победи. Ние кои ја гледаме оваа прегратка како симбол на најдоброто во нашата земја сме мнозинство, напиша советничка од Мадрид на Твитер.

Луна својата постапка ја опиша како нешто најнормално на светот. За медиумите изјави дека потоа не го видела човекот од Сенегал.