Градското дрво или еколошкиот билборд во Тетово се исуши. Ниту подолготрајниот период со чести врнежи од дожд во април и мај не им помогнаа да останат живи на комбинацијата на мов и васкуларни растенија што беа поставени со цел да се апсорбира ситната отровна прашина односно ПМ-10 и ПМ 2,5 честички.
Овој растителен филтер што има улога на прочистувач на воздухот како што би имале 275 дрвја беше поставен во март 2017 година како проект на невладината организација Еко свест и општина Тетово во соработка со приватни компании.
Неколку месеци подоцна, голем дел од растенијата се исушија, а па од „Еко свест“ во јули 2017 ставија садници.
Минатата година во лето садниците повторно се исушија затоа тоа што се расипа пумпата за вода.
– Градското дрво е во сопственост и надлежност на општината. Ние доколку имаме садници како во јули 2017 ќе извршиме промена, но за тоа треба да добиеме повик од општината – информираа од „Еко свест“.
Од општина Тетово се правдаат дека и понатаму проблем за нефункционалност на еколошкиот билборд е прегорување на пумпата за вода.
– За пумпата нашите служби вршеа редовен дотур на вода, но од непознати причини таа не е во функција. Ние сме во контакт со Еко свест и информирани сме дека веќе се нарачани деловите и пумпата за вода од Германија за повторно ставање во функција на ова дрво на кое му треба и обновување на садниците од кои дел се исушени, што исто така треба да ги обезбеди Еко свест од Скопје – велат од општина Тетово.
Освен уништените растенија во внатрешноста на билбордот, несовесни граѓани оставале отпадоци. Оштетени се лимениот дел од билбордот, како и клупите за седење.