Брзи антиген тестови за патниците од вчера се спроведуваат на Меѓународниот аеродром Скопје. Од ТАВ Македонија информираа дека тоа е со цел да одговорат на најновите рестрикции за патување воведени од страна на земјите од ЕУ и Шенген зоната поради опасноста од ковид-19 и решение за барањето за брзи антиген тестови направени непосредно пред заминувањето на патникот. Оттаму појаснија дека лабораторијата „Жан Митрев” ќе распореди свое мобилно амбулантно возило за тестирање пред терминалната зграда на Меѓународниот аеродром Скопје, во близина на единствениот отворен влез за патници „Departures C“, каде што патниците ќе можат да го извршат потребниот брз антиген тест и да го добијат резултатот за 15 до 20 минути од земањето примерок.
Подвижното амбулантно возило за брзо антиген-тестирање на лабораторијата „Жан Митрев”, ќе биде присутно на скопскиот аеродром и во следните денови, следејќи ги времињата на летовите до дестинациите кои ги воведоа новите ограничувања за патување. Целта е да им се обезбеди опција на нашите патници кои заминуваат кон дестинациите во Германија, да имаат доволно време да извршат брз антиген тест, пред да влезат во зградата на аеродромот и да почнат со аеродромските процедури, ако тестот веќе не го направиле пред нивното пристигнување на аеродромот.
-Доколку одлучите да направите брз антиген тест на Меѓународниот Аеродром Скопје, со цел да не се создава метеж пред аеродромската зграда, апелираме да пристигнете на аеродром навреме, најмалку 3 часа пред времето на полетување, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Од вчера, 24 јануари, Холандија бара негативен брз антиген тест не постар од 4 часа пред качување во авион. Ова барање е како дополнување на веќе постојното барање за задолжителен негативен резултат од PCR тест направен не порано од 72 часа пред пристигнувањето во Холандија. Овие се однесуваат и за оние кои патуваат до Карипските делови на Холандија. Зa патниците од Македонија, Косово и Албанија, Германија бара негативен ковид-19 тест не постар од 48 часа и притоа ги прифаќа следните тестови: PCR, LAMP, TMA и брзи антиген тестови одобрени од СЗО. Германските власти дополнително известуваат дека негативниот резултат од ковид-тестот задолжително треба да биде во хартиена (печатена) или пак дигитална форма, со тоа што производителот на антиген тестот мора да е видлив на документот.
Франција бара негативен PCR-тест не постар од 72 часа.
-Ова правило на француската Влада исто така се однесува и е применливо и за францускиот дел од Швајцарија, што значи дека истото ќе се применува и за дестинацијата Базел. Во моментов, летот од Скопје до Париз не сообраќа, но кога ќе почне да сообраќа, ќе се применува ова правило, сè до следното известување, информираат од ТАВ Македонија. (В.С.Н.)