Најила Триндаде, моделот и девојката која го обвини бразилскиот интернационалец Неимар за силување, со солзи на очите раскажа во каков пекол и се претворил животот откако фудбалерот на ПСЖ го открил нејзиниот идентитет.

  • Сега сум во ужасна состојба. Имам напади на паника, не можам да се грижам за своето дете. Не спијам, не можам да јадам, за една недела загубив 10 кг, изјави Најила која беше гостин во телевизиската емисија „Доминго Еспектакулар“.

Освен физичкото и психичкото малтретирање, манекенката откри дека после официјалната информација дека била со Неимар, постојано ја вознемируваат секакви луѓе, а пред неколку дена бил обиен и нејзиниот стан.

  • Јас сум жртва на низа злосторства. Не само мене, ја прогонуваат и мојата фамилија. Ми го обија и станот и ми украдоа вредни работи, додаде Најила.

На прашањето што би променила доколку добие шанса да го врати времето, Најила одговори: „Мојата најголема грешка е таа што го направив мојот инстраграм-профил достапен за сите и на тој начин дојдов во контакт со Неимар. Сега ќе бев мирна доколку мојот инстраграм-профил беше затворен“.

Целата афера започна пред десет дена откако поголемиот дел од медиумите ја пласираа и информацијата дека една неименувана девојка го има обвинето Неимар за силување. Веднаш потоа, фудбалерот јавно ги презентираше пораките кои ги има разменето со девојката со цел да се одбрани од обвинението за силување. Помеѓу пораките имаше и разголени фотографии и на тој начин беше откриен нејзиниот идентитет.

Изминатата недела на друштвените мрежи се појави и видеоклипот на кој се гледа како Најила го удира Неимар и му вика: „Ова ти е затоа што ти вчера ме тепаше!“.
На таквото нејзино викање Неимар одговори: „Ти си виновна за модриците, бараше уште повеќе“.