Како што истакна директорот на „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамески, Битола е единствениот град во светот каде што ќе има ѕвезди на кинематографери, бидејќи фестивалот е најстариот во светот каде што се чествуваат токму кинематограферите. Смета дека со „Патеката на славните“ на најубав начин се промовира фестивалот и Битола пред светската филмска јавност. Благодарност за идејата и реализацијата на проектот искажа Милтон Манаки, кој ги откри ѕвездите на своите прадедовци Милтон и Јанаки Манаки

„Патеката на славните“ со откривање на првите ѕвезди за битолските кинематографери, браќата Манаки беше промовирана вчера во Битола, во рамки на јубилејно 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Посветена на кинематограферите, „Патеката на славните“ содржи ѕвезди со имињата на лауреатите на фестивалот, односно на досегашните добитници на наградата „Златна камера 300“ за животно дело на „Браќа Манаки“ и ќе се протега долж Широк сокак од киното „Манаки“ до Офицерскиот дом.

Откривање на ѕвездите на Милтон и Јанаки Манаки

На откривањето на ѕвездите со имињата на браќата Манаки, поставени токму пред киното „Манаки“, присуствуваа директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамески, Милтон Манаки, внук на првите сниматели на Балканот, браќата Милтон и Јанаки Манаки, како градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Како што истакна директорот на „Браќа Манаки“ Дамески, Битола е единствениот град во светот каде што ќе има ѕвезди на кинематографери, бидејќи фестивалот е најстариот во светот каде што се чествуваат токму кинематограферите. Смета дека со „Патеката на славните“ на најубав начин се промовира фестивалот и Битола пред светската филмска јавност. Благодарност за идејата и реализацијата на проектот искажа Милтон Манаки, кој ги откри ѕвездите на своите прадедовци, Милтон и Јанаки Манаки.

На „Патеката на славните“ освен ѕвездите на браќата Манаки се и ѕвездите на Питер Бижу, Роби Милер, Џон Сели, Сер Роџер Дикинс, Крис Менгес, Кристијан Бергер, Валтер Карваљо, Данте Спиноти, Ентони Дод Ментл, Ед Лахман, Ричард Ленжевски, Хозе Луис Алкањ, Били Вилијамс, Свен Никвист и Бруно Далбонел.

Од фестивалот најавија дека годинава ќе бидат откриени 18 ѕвезди, а шестмина од досегашните лауреати ќе присуствуваат на свеченост на која секој ќе ја открие својата ѕвезда.

„Патеката на славните“ во Битола беше промовирана и покрај информацијата дека нема дозвола за поставување на ѕвездите од ниту една надлежна институција, а притоа Широк Сокак, е под заштита како културно наследство од особено значење.

Прес-конференција со Дариа Д’Антонио, кинематограферката на „Партенопе“ и Бруно Делбонел, годинашен добитник на „Златна камера 300“ за животно дело

Инаку, на почетокот на фестивалот се одржаа и прес-конференции со Бруно Делбонел, годинашен добитник на „Златна камера 300“ за животно дело и Дариа Д’Антонио, кинематограферката на „Партенопе“ во режија на Паоло Сорентино – филм, со кој се отвори Фестивалот, како и со Димитар Грбевски, филмски и телевизиски монтажер, кој годинава ја доби наградата на ДФРМ, „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.

Годинашниот лауреат Бруно Делбонел проговори за значењето на наградата, дружењето со колегите кинематографери и значењето на Фестивалот „Браќа Манаки“.

-За мене сето ова е неверојатно, не сум замислувал никогаш вакво нешто, пред сè затоа што јас сум кинематографер и мислам дека не сум готов со она што го работам. Сите овие лауреати пред мене се неверојатни имиња и им се восхитувам, рече Делбонел.

Кинематограферката Дариа Д’ Антонио, која доаѓа вторпат на „Браќа Манаки“, пак, проговори за филмот „Партенопе“.

-Филмот говори за минатото и едно посебно навраќање на младоста. Со актерката имавме посебен однос. Таа беше првпат на филм и имав некако заштитнички однос кон неа. Беше многу важно да имаме добра комуникација бидејќи беше некако ранлива. На сите локации им приоѓав со голема слобода и секоја од нив има симболика така што се обидував да го склопам сето тоа заедно, рече Д’ Антонио.

За Димитар Грбевски, добивањето на наградата на Друштвото на филмските работници на Македонија, „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, е големо признание и потврда за неговиот исклучителен придонес во македонската кинематографија.

Филмскиот критичар Благоја Куновски-Доре и Димитар Грбевски, филмски и телевизиски монтажер

-Да, оваа награда за мене е големо признание за мојот труд што сум го вложил во создавањето на филмови и што сум станал дел од македонската кинематографија. Јас и денес сум активен. Работам со студентите, најголем дел завршиле со студиите, но и понатаму ме консултираат за филмовите што денеска ги подготвуваат. Многу генерации завршија филмска монтажа, дел од нив се надвор од Македонија, но постојано комуницираме. Меѓу нив е и продуцентот на „Медена земја“, филм номиниран за Оскар, истакна Грбевски и раскажа за искуството од Холивуд, кога бил заедно со екипата која работела на филмот „ДАЕ“ на Столе Попов, кој беше исто така, кандидат за Оскар.

Димитар Грбевски учествувал во повеќе од 30 филмови, а добитник е и на наградата „Златен објектив“ што ја доделува Кинотека на Македонија.

На фестивалот беше претставено и жирито на официјалната селекција „Златна камера 300“ кое го сочинуваат Џон Сил, претседател, Ањес Годар, Џевахир Шакин, Биргит Гудјонсдотир и Владимир Блажевски, кои посочија дека е голема чест, но и голем предизвик да се одлучува за филмовите на „Браќа Манаки“.

-Се соочуваме со одлични дела, фасцинантни филмови и голема чест е да се биде член на жири. Но, најдобро нешто во сево ова е што имаме можност да се дружиме со кинематографери и да разговараме. Ние најголемиот дел од времето работиме, а благодарение на овој Фестивал, Битола е место каде што дискутираме за нашата работа и привилегија е да се биде овде, истакнаа од жирито.

Во рамки на фестивалот, кинематограферката од Полска, Јоланта Дилевска, која на годинашното издание на „Браќа Манаки“ се закити со специјалната „Златна камера 300“, одржа мастер клас во киното „Манаки“ во Битола, при што зборуваше за почетоците и за нејзиниот професионален живот, како и за снимањето на ремек-делото „Во мрак“.

Мастер клас на полската кинематограферка Јоланта Дилевска

-Во филмот се вљубив на 12-годишна возраст. Учев од професори за кои камерата беше света, беше голема привилегија да се учи од нив. Камерата за мене е метафизички елемент. Благодарение на неа, можеме да го запреме времето и тоа е нешто извонредно, рече Дилевска.

Полската кинематограферка се осврна на нејзиното ремек-дело, „Во мрак“, за кое кажа дека ја прикажува Полска како гробница за еврејскиот народ.

-Филмската екипа живееше во селото. Беше многу тензично, тоа беа вистински протагонисти, кажа таа.

Она што Дилевска го демонстрира во оваа потресна драма за холокаустот на Евреите во Втората светска војна е врвен дострел од аспект на фотографијата, која, како што сугерира самиот наслов, е снимана во речиси апсолутен мрак, ретко виден и доживеан во светскиот филм. За да го долови ужасот во криењето од фашистите на група Евреи бегалци во канализациското подземје на градот Л’вов/ Л’вив (во времето на окупацијата полски, денес украински град) – Дилевска креира визуелен мрак, своевидна црно-бела фотографија во колор, што од стручњаците е оценетa како врвно мајсторство. За ова филмско ремек-дело, Дилевска триумфираше на фестивалот „Браќа Манаки“ во 2012, кога ја освои „Златната камера 300“.

Дилевска на мастер класот, пред присутните кажа и дека, кога би можела сега да ја советува младата верзија на себе, би си рекла – „Секогаш биди вистинска, верувај во себе и во својата емоционална интелигенција“. Им порача на младите, да ја знаат историјата на филмот и да не се плашат да ризикуваат и да пробуваат нови работи.