„Новите наоди докажуваат дека населбата во заливот Плоча – Миќов Град, во близина на македонскиот град Охрид, била изградена во различни фази и во текот на илјадници години, од неолитскиот период (средината на 5 милениум пр.н.е.) до бронзеното време (2 милениум пр.н.е.). Досега се претпоставуваше дека станува збор за населба од периодот околу 1.000 година пр.н.е. Оваа интензивна градежна активност ја објаснува извонредната густина на дрвени купишта на самото место. Населбите биле изградени буквално едни врз други“, пишува во статијата на Универзитетот од Берн
Регионот околу најстарото езеро во Европа, Охридското Езеро, одиграл клучна улога во ширењето на земјоделството, смета тимот од Универзитетот во Берн. Во рамките на истражувачкиот проект EXPLO тие за првпат успеале прецизно да ги датираат остатоците на градбите на брегот на Охридското Езеро кои, како што велат во статија (https://phys.org), настанале во средината на 5 милениум пр.н.е.
„Остатоците на подводните наоѓалишта се среќа за предисториската археологија. Дрвените купишта од кои се изградени темелите одлично се сочувани. Во недостаток на кислород не биле оштетени од бактерии и габи. Дрвото сочувано на овој начин е одлично прилагодено за дендрохронолошки прегледи, а може да се датира со помош на прстените за раст. Возраста на дрвото, а со тоа и времето во кое се изградени населбите, може да се одреди во комбинација со радиокарбонско датирање. Овој метод сега за првпат се применува надвор од алпскиот регион“, пишуваат од Универзитетот во Берн.
Инаку, под раководство на Универзитетот во Берн, околу 800 купови кои потекнуваат од локација на источниот брег на Охридското Езеро биле датирани во големиот меѓународен проект EXPLO.
„Резултатите беа презентирани неодамна во научно археолошко списание. Новите наоди докажуваат дека населбата во заливот Плоча, Миќов Град, во близина на македонскиот град Охрид била изградена во различни фази и во текот на илјадници години, од неолитскиот период (средината на 5 милениум пр.н.е.) до бронзеното време (2 милениум пр.н.е.). Досега се претпоставуваше дека станува збор за населба од периодот околу 1.000 година пр.н.е. Оваа интензивна градежна активност ја објаснува извонредната густина на дрвени купишта на самото место. Населбите биле изградени буквално едни врз други“, пишува во статијата.
Лулка на европското земјоделство
„Прецизните датуми на различните фази на населување на Плоча Миќов Град претставуваат важни временски референтни точки за хронологија на праисторијата на југозападниот Балкан“, вели Алберт Хафнер, професор по праисториска археологија на Универзитетот во Берн и член на Ошегер центарот за истражување на климатските промени. Според него, прецизната хронолошка класификација, пак, отвори незамисливи можности за толкување за трагите пронајдени во Охридско Езеро. Таканаречениот културен слој, пишува во статијата, е скриен под денешното езеро. Се состои главно од органски материјал и дебелина е до 1,7 метри. Меѓу другото, содржи остатоци од собрано жито, диви растенија и животни, што може да даде заклучоци за развојот на земјоделството. На Балканот, новопристигнатите земјоделци биле соочени со релативно ладни и влажни климатски услови, што ги принудило соодветно да ги приспособат земјоделските практики.
„Интеракциите помеѓу оваа револуционерна иновација и околината во голема мера се непознати“, нагласува Хафнер, кој додава дека ова е токму истражувачката празнина што проектот EXPLO има за цел да ја пополни.
Од универзитетот во Берн, истакнуваат дека живеалиштата во алпскиот регион и археолошкиот локалитет на Балканот се единствените остатоци од населби од неолитскиот период со одлична органска конзервација. Раните наоди се особено интересни бидејќи областа одиграла клучна улога во ширењето на земјоделството. Тука живееле првите земјоделци во Европа. Раните сточари и земјоделци од Анадолија прво стигнале до Егејскиот регион, особено северна Грција, а потоа и Централна Европа преку јужна Италија и Балканот пред повеќе од 8.000 години…
Важно културно наследство на Балканот
„Нашите истраги фрлаат светлина врз големиот потенцијал за идно истражување на предисториските населби во регионот“, вели Хафнер, според кој значењето на населбите на Охридското Езеро е огромно.
„Остатоци од живеалиштата околу Алпите се сметаат за светско наследство на УНЕСКО од 2011 година, а мочуришните населби на југозападниот Балкан не се помалку значајни“, додава Хафнер. Регионот нуди ситуација споредлива со областа околу Алпите: Остатоци на праисториските населби се зачувани во бројни езера во модерна Албанија, северна Грција и Северна Македонија. Меѓутоа, со мали исклучоци, локалитетите во балканскиот регион едвај се проучени досега.
Истражувачите од Берн, исто така, се стремат кон други цели на долг рок.
„Сакаме да помогнеме да се осигури дека вредноста на овие мочуришни населби е препознаена на локално ниво и дека овие културни богатства се подобро заштитени“, објаснува Хафнер. Локалитетите, пак, не се лоцирани само на северномакедонскиот брег на Охридско Езеро, каде што тимот ЕКСПЛО спроведе кампањи за теренска работа во 2018 и 2019 година, туку и на албанскиот западен брег на езерото, каде што истражувањата беа активни летово. На долг рок, велат од Универзитетот во Берн, планирано е да се прошири соработката со локалните партнери, да се поддржи образованието и обуката на истражувачите од регионот и да се промовираат локалните иницијативи.