Историски ден за нашата држава, вака премиерот Димитар Ковачевски го оцени одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ, со што формално Македонија ги почна преговорите со Европската Унија.
-По 17 години го правиме клучниот чекор на патот кон остварување на нашиот децениски, генерациски сон за кој огромно мнозинство граѓани, десетици наши државни лидери, политички претставници, граѓанскиот сектор, академски и научни работници, стопанственици, новинари и медиумски работници и илјадници државни службеници, долги години посветено работеа, рече во своето воведно обраќање премиерот Димитар Ковачевски, на првата Меѓувладина конференција, јави известувачот на МИА од Брисел. Со оваа Меѓувладина конференција, како што посочи премиерот, Македонија ја започнува последната етапа од својот долг пат кон полноправно членство во Европската Унија.
Ковачевски од Брисел порача и дека со нетрпение го чекаме денот кога Северна Македонија ќе стане полноправна членка на Европската Унија, а македонскиот јазик ќе биде еден од службените јазици во Унијата, еднаков со сите останати 24 официјални јазици.
Тој напомена дека со оваа Меѓувладина конференција практично се операционализира одлуката на Советот на ЕУ од март 2020 година и се отвора процесот за прием на Македонија и нејзините граѓани во големото европско семејство.
-Патот до Брисел беше долг. Северна Македонија формално аплицираше за полноправно членство во 2004 година и се стекна со кандидатски статус во 2005 година. Првата препорака за почеток на преговорите Европската комисија ја даде во 2009 година, а Советот на ЕУ ја потврди со едногласна одлука во март 2020 година, потсети Ковачевски.
Според Ковачевски, Македонија цивилизациски, географски и историски припаѓа во европското семејство.
Во духот на почитувањето на различностите, потенцираше премиерот, преку Охридскиот рамковен договор и последователните уставни измени, нашата држава создаде напреден модел кој обезбедува еднаквост во остварувањето на културните, јазичните и идентитетските права на заедниците.
-Подготвени сме во целост да го преземеме законодавството на ЕУ во својот внатрешен правен поредок и да изградиме ефикасни административни и правосудни капацитети за негова целосна примена. Ние и во моментов имаме околу 45 отсто усогласеност со законодавството на ЕУ. Пристапните преговори ќе бидат само дополнителен поттик да се продлабочи и забрза овој процес на усогласување, како и процесот интеграцијата во единствениот пазар на ЕУ, додаде Ковачевски.
-Свесни сме дека времетраењето на преговорите ќе зависи првенствено од спроведувањето на неопходните реформи, како и од способноста на ЕУ да може да го поддржува и продлабочува својот сопствен развој, гарантирајќи го својот капацитет за интегрирање нови членови. Во оваа смисла, Северна Македонија преку интензивна и посветена работа, има за цел да биде потполно подготвена да ги преземе обврските од членството во ЕУ до крајот на 2030 година за да може да стане земја членка на ЕУ до почетокот на следниот буџетскиот период на ЕУ, додаде премиерот.
За времетраењето на преговорите, премиерот потенцираше дека Владата на Северна Македонија како и досега ќе се придржува кон начелата на транспарентност и инклузивност на сите општествени чинители.
-Нека ни е среќен почетокот на пристапните преговори, заедно ќе го изодиме овој пат, и сигурен сум не така далеку од сега, заедно ќе се радуваме и на полноправното членство на Република Северна Македонија во Европската Унија, подвлече премиерот Ковачевски.
Првата меѓувладина седница, за европските челници, е голем чекор напред како за Македонија така и за Европската Унија.
-Оваа политичка меѓувладина конференција е крај на еден долг процес и почеток на нова фаза од пристапните преговори. Може да продолжите да сметате на нашата поддршка, а ние ќе продолжиме да градиме заедничка, просперитетна и безбедна иднина заедно, Ве сакаме во ЕУ и тука не постојат сомнежи. Праќаме и моќна порака кон целиот регион, па и надвор од него, изјави во Брисел еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на заедничката прес-конференција со премиерот Ковачевски и министерот за надворешни работи на Чешка, Јан Липавски.
Вархеји, посочи дека ќе направат сè да се забрза процесот на преговори и дека уште попладнето ќе започне скринингот на законодавството на ЕУ, што, како што нагласи е првиот чекор во пристапните преговори.
– Сакаме да продолжите да комуницирате со сите засегнати страни, со граѓанското општество и сите во Северна Македонија, затоа што ни се потребни во овој процес. Потребни ни се сите во Северна Македонија да работат за земјата и да работат за тоа Северна Македонија да стане земја членка, изјави Вархеји.
Вархеји: Oпозицијата да докаже дека е за европска иднина
Навистина се надевам дека од сега, па натаму сите политички партии во земјата, вклучително и опозицијата, ќе работат на европската иднина и нема да започнат со контроверзии и со предизвикување емоции кои нема да ја водат земјата напред и нема да и донесат ништо на добро, порача еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Тој ја повика опозицијата да докаже е посветена на членството на земјата во ЕУ.
Вархеји нагласи дека постои јасна посветеност не само од Владата, туку и од Собраните за уставните измени, посочувајќи дека во спроведувањето на францускиот предлог свои надлежности има и законодавниот дом и тој треба да се вклучи во носењето на такво решение.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, пак порача: „Македонци, денес вашата земја го прави првиот клучен чекор на патот на преговорите со ЕУ. Земјата презеде важни реформи и знам дека Македонците се посветени на нашата заедничка иднина во ЕУ“.
Нагласи, дека на патот кон полноправно членство во ЕУ, Северна Македонија може да смета на неговата целосна поддршка.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека Северна Македонија и Албанија ги направиле потребните реформи во областа на владеењето на правото, борбата против корупцијата, слобода на медиуми и модернизација на економијата.
„Ги направивте сите овие промени не само затоа што беа потребни на вашиот пат кон ЕУ туку пред сè затоа што се добри за вашите земји и тие веќе испорачуваат подобар и поквалитетен живот за важите луѓе. ЕК ве поддржуваше на целиот пат и ќе продолжиме така“, рече Фон дер Лајен.
Договорот од ФРОНТЕКС, како што информира Фон дер Лајен, ќе биде преведен на македонски јазик, без фусноти и ѕвездички на еднакво ниво на сите 24 европски јазици. Според неа, со отпочнување на преговорите ќе има зголемени инвестиции, подобрени трговски врски, поблиска соработка во клучни области како енергетиката и транспортот и ќе се максимизира потребата и ефектот од финансиите од ЕУ.
И додека Македонија од денес е исправена пред новите предизвици, во предлог-преговарачката рамка за Албанија нема никакви други дополнителни услови. Албанија ги почнува преговорите со Првата меѓувладина конференција, на која беше претставена и преговарачката рамка. Скринингот за Македонија, пак, според најавите ќе трае година и половина. По негово завршување предвидена е и втора Меѓувладина конференција чиешто одржување е условено со донесување на уставните измени, односно внесувањето на Бугарите во Уставот.