Организаторите на Европското првенство за жени во Данска, уште пред самиот старт, утре во Колдинг и Хернинг се соочуваат со големи проблеми. Имено, романската репрезентација пред неколку дена пристигна во Данска, но иако пред патот сите ракометарки и челенови на стручниот штаб беа негативни, на тестирањето во Хернинг, беше откриен позитивен тест кај Лаура Моиса, која веднаш беше изолирана во специјален хотел за таа намена.

Останатите ракометарки требаа да поминат во карантин 24 часа и нема можност  да одржат тренинг пред одново да бидат тестирани.

Со проблеми се соочи и српската репрезентација, која првично мораше да го одложи патувањето поради позитивен тест на една од ракометарките на корона. Србија требаше веќе да биде пристигната ов Данска и да го одржи првиот тренинг, но тоа не се случи. Според новиот план тие дури денеска ќе тргнат на пат за Колдинг, каде утре ќе го одиграат првиот натпревар на шампионатот.

Бранител на титулата е репрезентацијата на Франција, која на домашен трена, на минатото првенство во финалето ја совлада Русија со 24:21.

Македонија не се квалификуваше ниту за овој шампионат, а интересно е тоа што ќе биде домаќин на наредниот во 2022 година заедно со Црна Гора и Словенија.

Група А: Франција, Данска, Црна Гора, Словенија, Група Б: Русија, Шведска, Шпанија, Чешка, Група Ц: Холандија, Унгарија, Србија, Хрватска, Група Д: Романија, Норвешка, Германија, Полска.