Пратениците се решителни околу идејата да ги ограничат банките и финтек компаниите за провизиите кои ќе им ги наплаќаат на граѓаните за одобрените кредити. Иако Министерството за финансии ограничувањата ги планираше само за таканаречените брзи кредити, денеска пратениците побараа од министерот Драган Тевдовски ова да важи и за останатите потрошувачки, стабени, како и за корпоративните кредити.
Пратениците побараа ограничувањата колку банките можат да заработат на сметка на граѓаните да важат и за кредити до 75.000 евра, а не само за првично предвидените до 200 евра. За ова ќе се борат со амандмани.
„При апликација за кредит барателот се соочува со трошоци, за секоја трансакција во врска со исплатата на кредитот повторно се наплатува провизија, дури се пресметуваат пенали и доколку предвреме клиентот сака да го исплати кредитит. Не треба да заборавиме дека овие провизии и надоместоци се многу високи“, рече Панчо Минов од ГРОМ.
“Ќе барам овој износ да се зголеми од 200 евра на 75 илјади евра. Ова треба да се оденсува и на станбените кредити и на кредитиоте за стопанството, банките сега работат како лихвари, го намалуваат богатството на граѓаните без тие да се светсни“, вели Самка Ибраимовски од Коалицијата на СДСМ.
Измените на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити предвидува ограничување на трошоците за потрошувачките кредити во износ помал од 200 евра во денарска противвредност или таканаречени брзи кредити. Кај овие кредити ја нема заштитата што ја предвидува законот, а трошоците достигнуваа до 200% од вкупниот износ на кредитит.
„Со оваа измена ќе се ограничат вкупните трошоци, провизии и надоместоци кои ги плаќаат граѓаните и се минимизира ризикот од понатамошно влошување на финансиската состојба на граѓните кои имаат проблем со исплаќање на кредити“, рече Драган Тевдовски, министер за финансии.
Со Предлог измените максималната висина на годишната стапка на вкупни трошоци кај брзите кредити може да биде најмногу 55%. Законот сега ќе се разгледува на комисиска расправа, каде се очекуваат и амандманите на пратениците со кои ќе се ограничат и заработките на банките за кредитите до 75.000 евра.