Пратеникот Панчо Минов предлага измени на повеќе закони со кои трошоците за кредитите би се ограничиле на сума која е еднаква на три камати, а пратеникот Самка Ибраимовски самиот подготвува закон со кој предлага да се ограничат банкарските камати и истовремено со амандманска интервенција во Предлогот за измени на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити бара освен за брзите кредити до 200 евра трошоците да се намалат и за банкарските кредити над 75.000 евра
Законски да се ограничат вкупните годишни трошоци на банкарските кредити, бараат дел од пратениците во рамки на актуелната собраниска расправа за ограничување на овие трошоци кај брзите кредити што ги даваат финансиските друштва.
Пратеникот Панчо Минов чека одговор од премиерот на пратеничко прашање, за потоа да предложи измена на законската регулатива за банките со која предлага трошоците за кредитите да се ограничат на сума која е еднаква на три камати. Пратеникот Самка Ибраимовски, пак, самиот подготвува закон со кој предлага да се ограничат банкарските камати и истовремено со амандманска интервенција во
Предлогот за измени на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити опфатот на кредитите за кои важи намалувањето на трошоците до 55 проценти од главнината за брзите кредити до 200 евра да се прошири и на банкарските кредити над 75.000 евра како, на пример, потрошувачките и оние за компаниите.
– Поставив пратеничко прашање и чекам одговор од премиерот, од кој ќе зависат моите понатамошни постапки. Планирам да предложам измени на Законот на Народна банка, како регулатор на банкарскиот сектор, на Законот за банки и на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, со цел вкупните годишни трошоци по кредитите, како што се каматите, провизиите, трошоците за аплицирање, пеналите за предвремена отплата и слично да се максимализираат. Банките сега го користат правото самите да ги одредуваат трошоците, па ги доведуваат до ниво пет до седум пати повисоко од висината на камата. Јас предлагам овие трошоци да можат да бидат максимум три пати поголеми од законски дозволената камата, изјави Минов за “Вечер”.
Тој додава дека интервенцијата во Законот за НБРМ е потребна затоа што таа треба да добие обврска да контролира како ова го реализираат банките. Во Законот за банки пак, треба да се интервенира затоа што, како што вели, не смее да се задржи практиката овие трошоцида бидат само интерен дел од договорите за кредит како што е сега.
Минов вели дека овие негови предлози се базираат на практиката која се спроведува во повеќе земји, како на пример Хрватска, Словенија, Австрија, Србија…, каде законски се регулирани трошоците за банкарските кредити. По поставеното прашање до премиерот тој очекува дека оваа негова иницијатива ќе се реализира како предлог на Владата.
– Никаде во светот каматите и другите трошоци за кредитот не ја надминуваат главнината. Затоа, самиот подготвувам закон за каматните стапки на банките, кој верувам дека за десетина дена ќе го презентирам. Една од поентите на тој закон е тие трошоци да не се поголеми од главнината, го објаснува својот предлог пратеникот Самка Ибраимовски.
Тој веќе изготви и неколку амандмани на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити. Вели дека ги има вкупно пет, а дел ќе ги предложи директно до собраниската Комисија за финансирање и буџет. Првиот амандман го образложи на последната седница, а со него предлага ограничувањето на вкупните годишни трошоци на 55 проценти, како што предлага Владата, освен за брзите кредити до 200 евра, да важи и за потрошувачките и корпоративните кредити над 75.000 евра. Исто така, тој смета дека со владиниот предлог трошоците да се ограничат на пет казнени камати, оптоварувањето на кредитот е 110 проценти, па затоа со друг амандман предлага ограничување на две камати.
– До Комисијата за финансирање и буџет ќе поднесам и други амандмани, а со еден ќе предложам банката сама да одлучува кој во неа ќе биде казнет за сторен прекршок, а не тоа да се одредува со закон, вели Ибраимовски.
Доколку се случат ограничувањата кои ги предлагаат пратениците, банкарите велат дека ќе ги почитуваат како и секоја друга законска регулатива, но ќе мораат да најдат начин поради нивна примена да не работат со загуба.
– Денеска имаме пазарна економија, банките се акционерски друштва и помина времето кога можеа да функционираат како социјални установи. Основата на работењето на банките во согласност со законските прописи меѓу другото е и да обезбедат добивка за акционерите. Но, секоја мерка од државата и од Народната банка како во минатото, така сега и во иднина ќе ја почитуваме, а времето ќе покаже дали таа е во ред или не, вели Драгољуб Арсовски, претседател на Управниот одбор на ТТК банка.
Тој појаснува дека во Македонија од 15 банки од кои само една е државна, дури 11 имаат странски инвеститор, па регулативата мора да е усогласена со Европската Унија и европското законодавство, што всушност е и имплементирано.
За вкупните трошоци вели дека не се големи, дека провизиите и другите давачки се пазарни мерки и дека се наведени во договорите за кредит.
– Банките се максимално транспарентни, немаат скриени трошоци за кредитите. Кому не му се допаѓаат условите, може да се обрати во друга банка. Не знам зошто би била спорна клаузулата за предвремено враќање на кредитот. Неа ја имаат и меѓународните финансиски институции кои даваат кредити за изградба на патишта и друга инфраструктура. Освен клаузула за предвремена исплата, тие дури имаат и клаузула за неискористените средства, преку која кога нема да се искористат парите од доделениот кредит се плаќаат пенали, вели Арсовски.
Инаку, според калкулациите на банките, ако вкупните трошоци за кредитите (СВП) кои се објавени на нивните веб страници на пример изнесуваат пет проценти, тогаш каматна стапка од 5 проценти би се искачила на 5,1 процент.
(С.В.)