Пратениците дебатираа за измени на Законот за јавен долг

101

Собранието попладнево ја завршија расправата за измените и дополнувањата на Законот за јавен долг, во прво читање, со кои се врши усогласување со меѓународната пракса и подобрување на системот за управување со јавни финансии и јавен долг.

Со измените, во пресметката на јавниот долг се враќа негарантираниот долг. Законските новини треба да овозможат поголема кредибилност на податоците за јавниот долг и доверба од инвеститорите.

До 2014 година негарантираниот долг беше дел од пресметката на јавниот долг, но потоа беше изваден со измени на законот, а сериозни критики за тоа беа упатени од Европската унија, меѓународните финансиски институции, но и тогашната опозиција, како и експертска јавност.

Со законот се предвидува и изработка на стратегија за управување со јавниот долг како одделен документ, а Министерството за финансии ќе врши и кредитна анализа на носителите на јавниот долг според меѓународни правила и стандарди.

Како што информираше во образложението на законот, заменик-министерката за финансии Ширет Елези, јавниот долг на крајот на 2018 година изнесувал 48,7 проценти од БДП, а на крајот на 2016 година 48,8 отсто.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ оценија дека власта го зголемува јавниот долг, но како што рекоа, во реалноста нема реализација на конкретни инфаструктурни проекти.

– Предлагате решение со кое во државниот и во јавниот долг ќе опфатите и други ставки кои досега не сте ги опфаќале, што значи дека административно заради оваа измена и ќе се зголеми државниот и јавниот долг што пак ќе оневозможи реализација на некои други проекти во иднина кои можеби би помогнале за економскиот раст на државата, но тоа е ваша одлука и вие ќе си ја цените, рече Илија Димовски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Од моментот кога СДСМ ја презеде власта, забалежа Димовски, државниот долг е зголемен за 380 милиони евра, а истовремено е низок процентот на реализација на капитални инвестиции од почетокот на годинава.

Диме Велковски од СДСМ, реплицирајќи, наведе дека во 2008 година долгот изнесувал 23 проценти, а сега е 48 проценти, што е показател дека е стабилизиран во изминатите две години. Наместо фискалната стратегија која се правеше секоја година сега се носи закон за јавен долг кој, посочи Велковски, ќе овозможи транспарентно да се знае кој и што должи. – Најмногу што треба да се задолжиме е 54 проценти, дали тоа ќе биде не знам, се надевам не, меѓутоа мора да се вкалкулираат средствата од 181 милион евра за довршување на автопатот Кичево Охрид, а треба да почне со изградба и клиничкиот центар до крај на годинава, рече Велковски.

Пратениците ја завршија и расправата за измени и дополнувања на законите за готовински плаќања и за ревизија и Предлог законот за вршење сметководствени работи. За законите ќе се гласа дополнително, информира потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, прекинувајќи ја 86. седница чие продолжение ќе биде најавено дополнително.