Франкфуртер алгемајне цајтунг наведува дека тројца пратеници имале дополнителни приходи од повеќе од еден милион евра и тоа Себастијан Брем (ЦСУ) со 2,7 милиони евра, Александар Енгелард (ЦСУ) со 1,7 милиони евра и Томас Хајлман (ЦДУ) со 1,2 милиони евра
Пратениците во германскиот парламент лани заработиле во просек по 183.706 евра и покрај месечните примања од 10.600 евра, објави „Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЗ)“.
Есента 2021 година, Бундестагот ја промени регулативата за обврската за пријавување приходи, па пратениците сега мора да ги пријават сите дополнителни приходи кои се повеќе од 1.000 евра месечно или повеќе од 3.000 евра во календарска година, па според евиденцијата на парламентот, германските пратеници, без пратеничките плати, заработиле вкупно речиси 20 милиони евра.
„Според мене, политичката активност секогаш бара одреден степен на независност. Пред повеќе од 20 години изградив професионална егзистенција како независен адвокат. Сакам да го задржам, особено што не можам да предвидам колку ќе трае мојата парламентарна работа“, изјави пратеникот на СПД, Матијас Мирш.
ФАЗ наведува дека тројца пратеници поединечно имале дополнителни приходи од повеќе од еден милион евра, и тоа Себастијан Брем (ЦСУ) со 2,7 милиони евра, Александар Енгелард (ЦСУ) со 1,7 милиони евра и Томас Хајлман (ЦДУ) со 1,2 милиони евра, пренесува Танјуг.
Освен неколкумина, кои најмногу заработуваат, бројот на пратеници со пријавени дополнителни приходи многу варира помеѓу партиите – додека само 20 отсто од пратениците на АфД, Левица и Зелени пријавиле дополнителни приходи, во СПД 35 отсто пријавиле дека примале плата од друго место.
Со новото правило за пријавување дополнителни приходи, списокот на незаконски бенефиции е проширен кога се во прашање пратениците во Бундестагот, па повеќе не смеат да добиваат пари за предавања кои се „директно поврзани со извршувањето на нивниот мандат “, а веќе не се можни и парични донации за активности и лобирање во врска со пратеничкиот мандат.