Со полноќни литургии и бдеење, во сите православни верски храмови верниците во петок ќе го одбележат најголемиот христијански празник, раѓањето Христово -Божик. Македонскиот народ со многу внимание и почит го празнува Божик, кој започнува да се слави на Бадник, денот пред Божик. Со него се поврзани многу обичаи и симболи.
Рано наутро на Бадник децата одат по куќи и со песна го најавуваат раѓањето Христово. Тие ги симболизираат ангелите, а пеењето по куќи значи дека радосната вест ќе се прошири насекаде. Малите бадникарчиња добиваат дарови-јаболка, портокали, суво овошје, бонбони, парички…
Ова е празник на семејството и затоа на Бадник не се оди на гости. Семејството се собира околу богатата, посна трпеза. Бадник го означува крајот на 40-дневните божикни пости. Домаќинката принесува од сè по нешто бидејќи се верува дека таква богата трпеза ќе има во текот на целата година. Се меси погача (кравајче) во која се става паричка. Пред почетокот на вечерата, домаќинот ја благословува трпезата и го крши кравајчето на толку парчиња колку што има членови во семејството, оставајќи дел за Бога и за куќата. Секој зема по едно парче и кај кого ќе падне паричката се верува дека ќе има среќа цела година. Вечерта, во огнот се става бадниково гранче, кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството.
По вечерата, храната не се трга од масата, затоа што се верува дека Господ ќе дојде преку ноќта да се нахрани. Некои пак ја оставаат храната, затоа што веруваат дека ќе дојдат духовите на починатите, на оние кои повеќе не се меѓу нас.
Овој празник е познат и по традиционалните коледарски огнови, а во скопскиот регион тие се палат ден пред Бадник. Во поголеми или помали групи на луѓе со музика, мезе и греена ракија, се палат огнови и се пеат песни. Ова е еден од паганските обичаи останати во нашата традиција кои се косат со црковните канони, па затоа црковните достоинственици сметаат дека полека треба да се напушта.
Во некои краишта, традиција е ноќта пред Божик во собата за спиење се става и слама, како симбол на пештерата во која се родил Христос.
На Божик, рано утрото со свечено биење на камбаните почнува Богослужба во црквите. Оние што постеле се редат за причест која следува по службата. Бидејќи ова е црковен ритуал кој се прави со едно лажиче од кое верниците добиваат лепче потопено со вино, овој ритуал наиде на гласни критики бидејќи се наоѓаме во пандемија со коронавирусот и важат посебни протоколи. Но, голем дел од верниците не се откажуваат, бидејќи според религијата тоа е чин на соединување со Самиот Бог, со неговото тело (леб) и крв (виното). Всушност, тоа е суштина и смисла и идентитет на Црквата. И во изминатите прослави, кога голем број од верниците се причестуваа, се испостави дека не се појавија црковни кластери, можеби, заради почитување на протоколите.
Божик, исто така е празник на светлината во душата, празник на проштевањето, на сполотеноста, ден, кога искараните треба да се помират и да се поканат меѓу себе на гости. Божик е празникот на семејството, празник на љубовта.
Во некои села во Македонија по Богослужбата девојките одат по овоштарниците и ги врзуваат дрвјата, за да се сочуваат од разни болести и да бидат плодни. Овој обичај е проследен со обредни песни.
Божик е празник полн со симболика. Без разлика дали е традиција или допрва се учи симболиката што треба да се почитува, не треба да се заборави дека суштината на Божик е во љубовта, проштевањето и милосрдието, а не во формата, која секако треба да е одраз на суштината, но, која ништо не значи доколку не го шири духот на љубовта и милосрдието. Се вели: Каде и да си – за Божик дома да си, за во кругот на семејството да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот.
Според некои истражувачи, за најрано споменување на овој празник или за негово востановување се смета календарот на папата Либериј (Либеријански календар) од 354 година кога се празнувал во Рим. За првпат Божиќ е празнуван во Цариград, каде што го востановил св. Григориј Богослов.
Вертеп – подвижен театар
Со Божик е поврзан и обредот Вертеп, еден таканаречен религиозен театар што е познат кај повеќе народи, а кај нас најдолго се задржал во Охрид. Овој подвижен театар го играле групи од по десетина деца. Две од нив биле статисти што го носеле Вертепот. Вертепот, пак, било едно сандаче што ја претставувало пештерата во која е роден Исус. Тоа сандаче било покриено со хартија во боја, од едната страна било отворено, внатре било украсено, имало и слама и лелејка, имало направено ликови како: Пресвета Богородица, свети Јован Крстител, овци, овчари, поклоници итн. Меѓу артистите имало и тројца цареви (Ирод, Валтезар и Гашпар) кои говореле одредени текстови претходно научени. Ако во постарите времиња Вертепот бил статички црковен театар што се изведувал во црквите пред верниците, подоцна тој се изведувал по домовите, гостилниците и други места каде што во тоа време, односно околу Божик, се собирал народот.
Вертепот се ставал на маса или на друго поиздигнато место за да го гледаат сите. Најпрвин се испевал тропарот „Рождество твоје“, а потоа се изведувала драмата. Потоа присутните го дарувале со пари или плодови. И во домовите се изведувала истата драма со постојани монолози и дијалози особено на тројцата цареви, потоа овчарот и другите учесници во обредот. Честопати меѓу вертепчиите настанувале жестоки тепачки, поради што се внимавало тие да не се сретнат. Во Охрид е забележан и малку поинаков обред наречен „Со ѕвезда“, кога ѕвезда направена од картон и украсена се ставала на долг стап или се носела во сито каде што имало и икона со Христовото раѓање итн.
Сличен обред на овој се изведувал и во Струга. Имено, нешто по полноќ на Бадник до разденување на Божик, групи момчиња изведуваат обред наречен „Ѕвездата Дева“. Тие на овој начин ја соопштувале радосната вест за раѓањето Христово. Обредот го изведувале во куќи каде што имало девојки, приредувајќи на тој начин серенади. Најпрвин правеле куќичка од штици и картони. Во куќичката (кутија) е прикажан амбиентот на пештерата во која е роден Исус. Тука задолжително имало икона со Христовото раѓање и запалена свеќа. Кутијата се поставувала на две долги летви и ја носеле двајца од дружината. Другите со музички инструменти оделе пред куќата на девојката. Тропале на вратата и го пееле тропарот „Рождество на нашиот Господ Исус Христос“. Серенадите со Ѕвездата Дева се сметале за чест на семејството што било удостоено ергените да ѝ пеат на нивната девојка. По завршувањето на серенадата момчињата се почестувале со ракија, чај и др.
Почнуваат некрстени денови – чувајте се од вампири, караконџули, вештици
Во народното верување со Божик започнува периодот од 12-те денови т.н. Некрстени или Погани, Караконџерови денови, а некои ги викаат и Ристосови денови, што траат до Водици, период исполнет со многу активности на негативните демони, со религиозен страв и разни магиски заштити. Според народното верување од Божик до Водици, кога Исус не бил крстен и Богородица била леунка, разни зли демони како вампири, караконџули, вештици и др. ги изведуваат своите оргии и се обидуваат да му напакостат на човекот. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол…
Дури на Водици, кога се крштева водата, се парализираат и нивните дејствија. (Е.А.)