Ракометарите на хрватскиот шампион ППД Загреб го приредија најголемото изненадување во 8.коло од Лигата на шампиони. „Плинарите“ на домашен терен го совладаа унгарскиот гигант Веспрем со 29:26 (12:14), што е триумф по четири кола и само втор оваа сезона во елитното друштво. Мечот во „Арена Загреб“ понуди израмнето надигрување, кое беше решено во финишот. Првиот дел беше изедначен, загрепчани по добриот старт попуштија и на пауза заминаа со негатива од два гола. Во продолжението се играше гол за гол, ама во завршницата со серија од 5:0 домашните ракометари направија исчекор кон победата.
-Навистина добра игра од наша страна, особено во одбраната. Минатата недела претрпевме тежок пораз од истиот противник во Унгарија, бидејќи сите верувавме дека заслуживме повеќе од нула бодови за перформансите што ги покажавме. Не им дозволивме да ја преземат контролата врз натпреварот и морам да кажам дека чувството е навистина неверојатно во моментов, изјави централниот бек на хрватскиот шампион Карпо Сиротиќ
Најдобар стрелец на мечот беше Омар Јахиа со седум гола, додека во победничкиот табор на Голужа се истакна Карпо Сиротиќ со шест погодоци.
Добрата серија ја потврди Барселона, која по ремито во минатото коло го доби „реваншот“ против Кил со 26:24. Европскиот класик во „Палау Блауграна“ беше крајно неизвесен и се одлучуваше во последните напади. Кил долго време беше во игра, водеше до пред крајот, но пак попушти и одново демонстрира слабост. Домен Макуц со шеест гола ја водеше Барса, а кај гостите пет гола даде Екберг.
Рутинска и очекувана победа запиша ПСЖ на Раул Гонзалез на гостувањето кај ГОГ Гудме со 40:35. ПИК Сегед повторно го надиграа словенечкиот шампион Целје Пивоварна Лашко и го запишаа само третиот триумф во новата сезона од Лигата на шампионите. Киелце, потешко од очекуваното, славеше над Елверум, со резултат 27:26. „Фенерџијата“ имаше одлична вечер и долго време му одолеваше на големиот фаворит, но немаше сили за сензација и своја втора овосезонска победа.