Трактористите ги покажаа своите вештини на државниот натпревар

91

Денеска во Кавадарци се одржа државниот тракторски натпревар за средношколци, каде што домаќин, по 51. пат, беше Земјоделско-шумарското училиште „Ѓорче Петров“. Директорката на училиштето, Ратка Росомански, изрази задоволство што на едно место се собрале претставниците на земјоделските, ветеринарните и на шумарските училишта.

– Натпреварите отсекогаш биле предизвик за учениците и за нивните професори, момент кога се покажуваат стекнатите знаења и вештини. Сите вие сте иднината на нашата држава и горди сме што сте денес тука. Им посакувам успех на сите, а најдобрите да бидат победници – рече таа.

Целта на натпреварот е учениците да се стекнат со практични вештини врз основа на теоретската и практичната наобразба што ги имаат. Натпреварот е признаен од МОН и од Центарот за средно стручно образование и обука, а учествуваа околу 130 ученици, 55 професори ментори. Како претседатели на секоја поединечна дисциплина беа вклучени и универзитетски професори од Штип и од Скопје.

На натпреварот учествуваа 10 земјоделско-ветеринарни и шумарски училишта со своите професори и ментори. Учениците се натпреваруваа во шест дисциплини: вешто возење и управување со трактор – во машки и во женски категории; препознавање семиња и плевели; коски и органи кај домашните животни; калемење овошки, аранжирање цветни аранжмани и органско земјоделско производство.