По 45 години мрак – светлост за „Битанга и принцеза“, цензурираната (еротска) фотографија од албумот на „Бијело дугме“

3913

Кој чека, ќе дочека! Деновиве пред нас е најновата, некогаш цензурирана верзија на култниот албум „Битанга и принцеза“ на секогаш актуелната група „Бијело дугме“. „Croatia Records“ (поранешен „Југотон“), 45 години подоцна, го објавува материјалот без цензура. На албумот е вратена и некогаш цензурираната реплика: „Ала је глупо заборавит њен број“ – „…а, који ми је мој?“ Јубилејното издание на „Битанга и принцеза“ доаѓа со оригиналната обвивка на Драган С. Стефановиќ.

– Принцезата е облечена како уличарка, па така и реагира – уличарски, со врвот од сандалата на најнезгодното место на секој маж. А, мажот е облечен речиси џентлменски, иако со однесувањето е како младоженец – во бел костум. Тогаш кога слушнав дека е цензурирана мојата верзија на обвивката, а и забранета за објавување, се почувствував повредено.

На самата слика немаше ништо вулгарно, само идејата беше прилично провокативна. Сега, со помош на Дарко Кујунџиќ, успеавме повторно да ја направиме сликата автентична и оригинална. „Забранетата слика“ од тоа време сега се врати пред публиката. Многу сум среќен – открива среќниот дизајнер Стефановиќ.