По 4 години затвор за креаторите на „Јавна соба”

504

Основниот кривичен суд во Скопје, вчера им изрече затворски казни во траење од по четири години на Дарко К. како креатор и на Михаил П. како администраторот на групата „Јавна соба“ преку која на социјалната мрежа „Телеграм” ширеле детска порнографија и експлицитни фотографии од девојки и жени како и  нивни лични податоци.

Во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, двајцата обвинети како основач и модератор на групата ,,Јавна соба” на социјалната мрежа ,,Телеграм” биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудиовизуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина, аудиовизуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете, се вели во обвинението.

Обвинителот Владимир Милошевски потенцира дека обвинетите со умисла дозволиле да се направи достапно на членовите на групата содржина со аудиовидео материјал во кој се прикажани полови дејствија со дете.

Материјалните докази кои Обвинителството ги прибра ќе докажат дека обвинетите во критичниот период биле корисници на електронски уреди преку кои може да се врши комуникација на социјалните мрежи, дека во наведениот период ја имале инсталирано наведената апликација на уредите и дека на истата активно учествувале во својства како што се наведени во обвинението. Обвинителството ќе докаже дека во тој период на наведената сицијална мрежа од страна на нејзин член во групата бил споделен материјал кој содржи очигледен полов акт со дете, посочи обвинителот Милошевски.

Обвинетите се огласуваат за виновни бидејќи првоообвинетиот ја основал групата ,,Јавна соба” на ,,Телеграм”,  а второобвинетиот како модератор иако морале да внимаваат што се прикачува во групата, дозволиле да се направи достапно видео со порнографски елементи со дете, соопшти судијката Билјана Коцевска.

По предлог на обвинителството судот му го продолжи куќниот притвор на обвинетите се до издржувањето на затворската казна, на што адвокатите на обвинетите реагираа тој да им биде укинат од причини што обвинетите веќе тринаесет месеци биле во куќен притвор.

Јавноста дозна за оваа група кога се појавија сведоштва на жени и  девојки чии фотографии и податоци биле разменувани во групата, по што во јавноста следеше силен притисок и протести креаторите на оваа група да бидат откриени и кривично да одговараат пред суд.

По згаснувањето на оваа група, други лица основаа група со исто име која функционирала долго време и во која се споделувале податоци и фотографии од жени и девојки, за оваа група постапката  е во предистражна постапка.