По 18-ти пат „Пивтијада“ во Куманово

154

Љубителите на зимскиот кулинарски специјалитет, пивтија и денеска имаа можност да ја дегустираат и да ја одберат најдобрата на традиционалната манифестација „Пивтијада“ која по 18-ти пат ја организира Здружението на граѓани, Мултимедијален Центар „Карпино“. Годинава, во соработка со донаторите од локалната бизнис заедница подготвени се 400 порции.

-Идејата дојде спонатано, а прерасна во традиционална манифестација, изјави Зоран Павловски, претседател на здружението „Карпино“.

За наредната година, организаторите најавуваат проширување на манифестацијата на која освен пивтии ќе бидат презентирани и останатите зимски специјалитети карактеристични за Куманово, мезалк и суџук. Оваа идеја ја поддржуваат и од здружението на угостителите „Бисер“ од Куманово, кои го презедоа годинешново кумство на манифестацијата.

-Размислувавме одамна за таква слична манифестација. Се надеваме дека ќе успееме со локалната самоуправа-изјави Влајко Стојчевски, од „Бисер“.

Градоначалникот Максим Димитриевски, ги поздрави присутните, нагласувајќи дека општината во континуитет ги поддржува ваквите манифестации, кои ја отсликуваат традицијата.

На манифестацијата се натпреваруваа осуманесет домаќинки. Стручното жири оцени дека највусна и најдобро декорирана маса е на 38 годишната Бетка Пешевска од Старо Нагоричане. Таа по трет пат учествува на манифестацијата.

-Битно е местото тивко да се вари, најмалку десет часа. Месото кое го користам е домашно, бидејќи доаѓам од село и самите одгледуваме и подготвуваме димено месо -вели Пешевска.Таа денеска презентираше и пивтија подготвена од пилешко месо, но нагласи дека кокошките самите ги чуваат.

На манифестацијата настапија бендови, пејачи, културно-уметничко друштво. Изминативе години на оваа манифестација направени се околу 10.000 чинии пивтии.