По 10.000 денари за јорганџија, опинчар, јажар, крзнар, грнчар, шапкар…

67

Град Скопје ќе ги субвенционира дефицитарните занаетчии и занаетите во изумирање во метрополата.

Станува збор за јорганџија, опинчар, јажар, крзнар, грнчар, шапкар, ковач, лимар, казанџија, копчар, свеќар, венци, сита, саатчија, ракотворби – корпар, ракотворби – изработка на сувенири, домашна ракотворба, изработка на филигран, накит и слични производи, производство на музички инструменти и самарџија.

За таа цел е распишан јавен повик. Средствата што ќе ги доделува Град Скопје се во износ од 10.000 денари поединечно, а се обезбедени од градската каса за 2024 година. За таа цел се издвоени вкупно 300.000 денари кои ќе се доделуваат се до нивно целосно искористување.

Право на учесто на јавниот повик имаат занаетчии, жители на град Скопје (општините: Аеродром, Карпош, Центар, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Бутел, Гази Баба, Сарај, Шуто Оризари, Чаир), кои ги исполнуваат условите и ја доставиле потребната документација, занаетчии кои не добиле буџетски средства од проекти за субвенционирање од Град Скопје во тековната година. Потоа, занаетчии кои се регистрирани согласно Законот за занаетчиство и оние кои имаат занаетчиска дозвола и обавуваат занаетчиски дејности во изумирање.     

Јавниот повик ќе трае најдоцна до 29.11.2024 година или до исцрпување на предвидените финансиски средства за оваа намена, во зависност од тоа кој услов ќе настапи прв.

Исплатата на одобрените средства се врши сукцесивно, според редот на пристигнати барања, по принципот „прв дојден, прв услужен“, врз основа на решение за усвојување од градоначалникот на Град Скопје.

(А.П.)