По тричасовна средба Нетанјаху го поддржа мировниот предлог на САД

88

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, денеска, по тричасовната средба со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, во Ерусалим, го поддржа последниот предлог на САД за воспоставување прекин на огнот во Појасот Газа.

Предлогот, чија цел е премостување на јазот меѓу завојуваните страни, беше претставен на Израел и предаден на палестинскиот Хамас на крајот од дводневниот состанок на посредниците, САД, Катар и Египет со израелска делегација минатата недела во Катар, главниот град Доха.

„Премиерот ја повтори посветеноста на Израел на ажурираниот американски предлог за ослободување на нашите заложници, кој ги зема предвид безбедносните потреби на Израел, на кои тој силно инсистира“, се вели во соопштението од кабинетот на Нетанјаху.

Хамас синоќа ја отфрли таа американска формула, јавуваат израелските медиуми.

Средбата меѓу Нетанјаху и Блинкен била позитивна и поминала во добра атмосфера, се додава во соопштението на кабинетот на Нетанјаху.

Во саботата, Израел претпазливо го поздрави новиот предлог на САД кој има за цел да придонесе и да го забрза договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците.

Кабинетот на Нетанјаху соопшти дека предлогот содржи компоненти прифатливи за Израел.

Палестински Хамас не учествуваше на преговорите во Доха, но беше во контакт со преговарачите.

Блинкен попладнево во Тел Авив ќе се сретне со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант.

Американскиот државен секретар синоќа пристигна во Израел, а денеска изјави дека сега е можеби последната шанса да се постигне договор за прекин на огнот во Газа.