Претседателот на Комисија за заразни болести, д-р Александар Петличковски, на учениците им посака среќно и успешно продолжување на учебната година. „Не очекуваме драстични поместувања по однос на бројот на инфекции, по однос на бројот на тежината на случаите и се разбира ќе ја следиме ситуацијата. Во моментот кога евентуално ќе стане ризично одржувањето на наставата благовремено ќе реагираме со препораки“, изјави Петличковски. Заради одложениот старт на второто полугодие, учебната година ќе заврши на 14 -ти наместо на 9 јуни. „Според календарот за работа во образованието, до крајот на второто полугодие треба да се одработат сите 180 наставни денови, порача министерот Шаќири
Второто полугодие на учебната стартува утре, на 23 јануари, откако зимскиот распуст со владина одлука беше продолжен за неколку дена, а учениците од основните и средните училишта по тринеделен одмор се вратија со физичко присуство во училишните клупи.
Иако периодов има голем број заразени со сезонски грип, други вирусни и бактериски инфекции, но и корона, за здравствените власти, епидемиолошката состојба во Македонија е стабилна и засега нема да се воведуваат никакви дополнителни мерки, така што второто полугодие може да почне.
Бројката на заболени со грип е над 3000, од кои дури 70 отсто се во првите две недели од јануари, а од Институтот за јавно здравје информираат дека во земјата има широка географска распространетост и висок интензитет на активноста на вирусот.
Претседателот на Комисија за заразни болести, д-р Александар Петличковски, на учениците им посака среќно и успешно продолжување на учебната година.
„Не очекуваме драстични поместувања по однос на бројот на инфекции, по однос на бројот на тежината на случаите и се разбира ќе ја следиме ситуацијата. Во моментот кога евентуално ќе стане ризично одржувањето на наставата благовремено ќе реагираме со препораки“, изјави Петличковски.
Според Петличковски, сè уште се движиме кон врвот на кривата на заболени. „Годинешната сезона на инфлуенца е започната пред околу две недели, а би требало да трае седум-осум недели. Ова топло време нè погодува многу за ширењето на грипот, така што можно е за недела-две да го достигнеме максимумот“, додава тој.
Да потсетиме, на владина седница беше одлучено наместо на 18-ти, второто полугодие да почне на 23 јануари, со физичко присуство за сите ученици. „Во образложението од МОН е наведено дека зимскиот распуст се продолжува поради заштеда на греење и заштита на здравјето на учениците“, стоеше во соопштението на Владата.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири воедно образложи и дека причина за одложениот почеток на второто полугодие е подобро функционирање на наставниот процес. „Поради тоа што 18 јануари е среда, 19-ти е празник за поголем дел од граѓаните и 20-ти е петок, одлучивме второто полугодие да почне во понеделник“, изјави Шаќири.
Неодамна од МОН апелираа до раководствата на образовните установи (јавните основни и средни училишта) и општините како нивни основачи да ја искористат поволноста за снабдување со субвенционирана електрична енергија. „Со тоа, училиштата ќе ги намалат трошоците за електрична енергија и ќе се овозможи непречено одржување на настава со физичко присуство до крајот на учебната година“, посочија од министерството.
Инаку, заради одложениот старт на второто полугодие, учебната година ќе заврши на 14 -ти наместо на 9 јуни. „Според календарот за работа во образованието, до крајот на второто полугодие треба да се одработат сите 180 наставни денови. Што значи дека иако, освен 10-ти, има три работни наставни денови, не гледам причина да има некаков проблем“, рече министерот Шаќири.
Оваа учебна година почна на 1 септември 2022, кога по две пандемиски години, околу 255 илјади основци и средношколци се вратија во училишните клупи без антиковид-протоколи. Првото полугодие ќе се запамети по тоа што околу половина од основците, односно оние од прво, второ, четврто и петто одделение останаа без учебници, кои изработени во согласност со новите наставни програми на Концепцијата за основно образование, која ја спроведува МОН, почнаа да се распределуваат до училиштата, дури од средината на ноември, па до крајот на декември. За потенцирање е и фактот што во два учебника, кои основците од пониските одделенија ги чекаа речиси цело прво полугодие, се појавија грешки. Од МОН посочија дека ќе се формира комисија која ќе даде предлог за соодветни корекции на учебниците. Во ова полугодие, дел од средношколците (од крајот на октомври, во текот на ноември и декември), пак, губеа часови заради дојавите за поставени бомби. (Н.И.Т.)