По трагедијата при породување: Се утврдуваат причините за смртта на 31-годишна родилка од Куманово – новороденчето е префрлено на скопските клиники

68

Триесет и едногодишна родилка од Куманово почина синоќа при породување во кумановската општа болница, соопштија денеска надлежните институции. Новороденчето со екипа од кумановската болница е префрлено на ургентен центар на детската клиника. Како што информираа од болницата веднаш биле повикани обвинител и истражна екипа. Обдукцискиот наод треба да ги покаже причините за смртта на младата кумановка. Таа во болницата била примена завчера.

– Вчера се случи еден трагичен настан, при породување на 31-годишна возраст, родилка ненадејно почина. Родилката е примена завчера, со прснат водењак, со почнато породување, со слаби контракции и е почекано да се добијат спонтани контракции по природен пат за да продолжи породувањето. Чекано е до вчера и вчера е почнато со стимулација, кога е почнато со стимулацијата нагло е настанат престанок на срцева работа, немерлив притисок, викнат е анестезиолог за реанимација, при обид за реанимација не е добиено срцева акција и притисок крвен, веднаш е внесено во сала за операции да се извади плодот. Бебето е извадено живо и е итно однесено на ургентен центар на детската клиника, проследено целиот пат од наш неонатолог кој бил дежурен, изјави директорот на кумановската општа болница Стефан Трајановски.

Раководителот на акушерското одделение го известил директорот, кој по информативниот разговор со дежурната екипа веднаш повикал обвинител кој пристигнал до истражна екипа.

-Детално е извршен увид, земени се изјави од сите што биле во контакт со родилката. Додека траело породувањето имало двајца дежурни лекари, дежурна анестезиолошка екипа, во актот на вадењето на бебето стигнал и раководителот на одделот. Бебето е живо, кажа Трајановски.