Мигрант задржан во мигрантски центар во Велика Британија починал откако му се слошило, соопшти Министерството за внатрешни работи на земјата.
Маж кој престојувал во мигрантски центар во Менстон на југоисточниот дел на Англија, починал синоќа во болница откако му се влошила здравствената состојба.
Властите се обидуваат да стапат во контакт со најблиските роднини на мигрантот за кој се верува дека пристигнал во Англија со мал брод преку Ла Манш на 12 ноември.
„Безбедноста на оние за кои се грижиме ја сфаќаме крајно сериозно и длабоко сме тажни поради овој настан“, соопшти министерката за внатрешни работи.
Во соопштението се вели дека „во оваа фаза нема докази кои укажуваат дека оваа трагична смрт била предизвикана од заразна болест“.
Случаи на дифтерија, шуга и други заразни болести се пријавени во Менстон, каде мигрантите кои пристигнуваат преку каналот се испраќаат на безбедносни и проверки на идентитетот пред да бидат преместени во долгорочно сместување.
Сепак, поради зголемувањето на бројот на пристигнувања, објектот наменет за сместување на најмногу 1.600 луѓе минатиот месец имал повеќе од 4.000 станари.
Независни владини инспектори кои го посетиле местото забележале дека оние што се сместени таму спијат на подови во услови слични на затворите кои се опасни по здравјето и го зголемуваат ризикот од пожар.
Главниот извршен директор на Советот за бегалци, Енвер Соломон повикал на „темелна и брза истрага“ за смртта и рече дека „секоја личност во Менстон мора да биде третирана со внимание“.
Во последниве години има нагло зголемување на бројот на луѓе кои се обидуваат да го преминат Ла Манш со брод за да влезат во Британија.
Повеќе од 40.000 луѓе пристигнале во Британија досега оваа година, речиси двојно повеќе од минатата година и речиси пет пати повеќе отколку во 2020 година.