Никогаш не е доцна! Македонскиот поп-пејач, композитор и продуцент Димитар Андоновски сними спот за својата макфестовска песна „Бура“. Иако поминаа речиси три месеци од фестивалот, Димитар сега се појавува со спот, но никогаш не е доцна. Песната не загуби ништо од актуелноста, а со спотот доби на значење. Премиерата се случи на неговиот официјален јутјуб-канал Dimitarofficial. Всушност, пејачите сè повеќе практикуваат вакви „скромни“ промоции, што, секако, не е добро. Се (из)губи комуникацијата меѓу нив и естрадните новинари, што е голем минус. И покрај тоа што видеозаписот е уште еден значаен чекор во музичката кариера на Димитар Андоновски, живите промоции секогаш имаат предност и не се заменливи со ништо.
Инаку, „Бура“ е песна што го отсликува внатрешниот свет на емоции, борби и турбуленции, инспирирани од лични искуства. Комплетното авторство – музиката, текстот, аранжманот и продукцијата – е дело на самиот Андоновски, кој со оваа песна уште еднаш ги докажува своите уметничка автентичност и храброст, кои им се допаѓаат на публиката.
Димитар појаснува дека песната е одговор на внатрешните битки што ги доживуваме сите. „Бура“ ја доловува силата на емоциите и турбуленциите во одредени моменти и ситуации што ни се случуваат во душата.
Спотот е реализиран со поддршка од продукциската куќа „77 Ентертејнмент“, во режија на Владислав Гавриловски, со модерен визуелен пристап и со впечатлива естетика.Моделот Матеја Христовска внесе суптилна емоционалност во приказната, додека „стајлингот“ на Андреј Папаз ја истакна уникатноста на овој добро осмислениот проект. Д.М.