Во Даутпашин амам вечерва беше отворена изложба посветена на доајенот на современото македонско сликарство Вангел Коџоман (1904-1994), која ќе биде реализирана по повод 120 години од неговото раѓање.
Публиката има можност преку неговите дела да се потсети на едно минато време забележано со вештата сликарска рака.
Коџоман ѝ припаѓа на првата генерација академски образовани уметници, заедно со Димитар Пандилов, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, а нешто подоцна и Василие Поповиќ-Цицо, Димо Тодоровски, Томо Владимирски и Љубомир Белогаски, кои се сметаат за основоположници на македонската модерна уметност.
Ликовниот опус на Вангел Коџоман е голем. Пред сè, тоа се должи на неговата мисла дека уметноста треба да биде меѓу луѓето, дека таа му припаѓа секому и дека не треба да биде ничија привилегија. Третманот на сите техники во кои се изразува за него имаат иста важност и вредност, како и темите кои ги обработува во текот на својот творечки живот, што ќе го одбележи како особено плоден автор, препознатлив и запаметен како сликар на македонското поднебје.
Улогата на Вангел Коџоман ќе остане забележана и високовреднувана во историјата на македонската уметност.
Куратор на изложбата, која ќе биде поставена до 20 декември, е Александра Зиновски Вилиќ.
Фото: П.Стојановски