ПО ОДЛУКАТА НА ВРХОВЕН СУД: Богдановиќ – Во буџетот ќе вратиме 94 милиони денари, парите ќе ги пренамениме!

132

Врховниот суд одлучи во корист на општина Центар поради повреди во постапката, што им овожможува на општинарите да си ги вратат парите што присилно ги наплати гостиварската компанија “Пелагонија” заради раскинување на договорот за изградба на катна гаража спроти поранешниот НИП ”Нова Македонија”


Општина Центар назад ќе си ги земе 94 милиони денари од гостиварската фирма “Пелагонија” поради кои минатата година и беше блокирана сметката. Градоначалникот Саша Богдановиќ на прес-конференција ја појасни ситуацијата наведувајќи дека со оваа одлука, општината конечно доби правна разрешница на овој предмет, кој две недели во јули минатата година доведе до блокирање на сметката на општината поради што службите не земаа плата. Исто така, во септември се одложи и првиот училиштен ден во ОУ „Гоце Делчев“ бидејќи општината не си ги сервисираше обврските и доцнеше со градежните работи за реконструкцијата на училиштето.

– Поради суштествени повреди на постапката и погрешна примена на материјалното право, по поднесената жалба од општина Центар на пресудата на Апелациониот Суд од 11.5.2018 година, Врховниот Суд одлучи постапката помеѓу општината и претпријатието “Пелагонија“, која беше отворена поради стопирање на изградбата на катната гаража кај НИП Нова Македонија, да биде вратена на почеток. Врз основа на Решението на Врховниот Суд, АД “Пелагонија” на општина Центар треба да и го врати целиот износ, односно вкупно 94.482.306 денари – рече Богдановиќ.

Тој најави дека вратените пари ќе бидат прераспределени во програмите за работа на општината што не се завршиле во 2018, а што се префрлиле во 2019 година.

– Сметам дека ова е еден доказ дека навистина општинската администрација, адвокатскиот тим, правниот тим без разлика што имаше наследено многу проблеми од претходно од судски спорови успеа со максимален ангажман да се избори до крај да ги врати сите средства. Продолжуваме со расчистување на затекнатите судски пресуди, а во текот на годината очекуваме уште неколку вакви судски одлуки – изјави градоначалникот Богдановиќ.

Овој случај датира од февруари 2013 година кога тогашниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ склучи договор со “Пелагонија” од Гостивар за изградба на катна гаража спроти зградата на поранешниот НИП”Нова Македонија”. Изградбата требаше да чини 4 милиони евра, а катната гаража требаше да се изгради на седум ката и во барокен стил. Откако истата година Тодоровиќ ги изгуби изборите, новиот градоначалник Андреј Жерновски го раскина договорот. “Пелагонија” ја тужеше општината при што доби можност да си ги наплати парите со образложение дека претрпела штета од нереалзираниот договор. Од сметката на Општина Центар беа симнати 94 милиони денари што предизвика блокада на општинската сметка. Богдановиќ побара од Врховен суд ревизија на договорот и го доби предметот.

(С.Бл.)