Осумгодишна затворска казна му изрече денеска Судот на ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, за случајот „Софтвери“ во кој тој беше првообвинет, за кривичните дела „злоупотреба на службената должност“ и „перење на пари“.
Покрај, Рашковски, затворски казни Судот им изрече и на останатите обвинети во предметот и тоа: Ивица Димитровски е осуден на 5-годишна затворска казна, пет години и шест месеци затворска казна доби Игор Христовски, Даниел Станчев доби четиригодишна затворска казна, на Ирена Ивановска ѝ беше изречена затворска казна во траење од три години и шест месеци, а на Игор Ивановски и Маја Силјановска им беа изречени тригодишни затворски казни.
Покрај затворските казна, судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска во изрекувањето потенцираше дека првостепената пресуда предвидува и солидарно да се надомести штетата на државата во висина од 6,4 милиони денари за набавката на софтверот за биометриска идентификација и речиси пет милиони денари за софтверот за определување просечна брзина на возилата.
-Факт е дека Драги Рашковски со дел од останатите обвинети или, пак, тие меѓу себе имале префрлања на пари кои најчесто биле големи суми, а дел од нив по тоа биле префрлани на сметката на Драги Рашковски. Трансферите на пари во некои случаи биле и меѓу правни лица во кои фигурираат обвинетите, истакна судијката Јанчулева-Михаиловска.
Судот одлучи и да се надоместат парите од исплатените хонорари на обвинетите од Генералниот секретаријат на Владата.
Обвинителката Ивана Трајчева, која е застапник на обвинението во предметот, побара притвор за Рашковски, Димитровски, Игор Христов и Даниел Станчев, поради опасност од бегство.
Два дена пред изрекувањето на пресудата, Рашковски и Станчев на прес- конференција соопштија дека нивните жалби до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, во врска изречениот притвор за предметот „Софтвери“, биле прифатени и дека нема да прифатат спогодба со државата.
Предметот „Софтвери“ се однесуваше на тендери реализирани од Генералниот секретаријат на Владата во период кога Рашковски беше прв човек на Секретаријатот.
Во обвинението беа посочени четири набавки, како што се систем за биометриска идентификација, софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, камери за препознавање регистарски таблички за возила, метални кабини за потребите на системот за биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблички, додека дел од обвинението се однесуваше и за исплата на хонорари на луѓе ангажирани од Рашковски, а дел од парите завршувале кај него.