По најавите на ДУИ за дестабилизација, стручњаците коментираат: На секој повик за уривање на уставниот поредок, треба соодветно да се одговори

1513

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека имаат информации, добиени од повеќе канали, дека раководството на ДУИ ќе преземе чекори за дестабилизација на државата, но дека не може да открива детали, бидејќи тие се дел од истрагата на Министерството за внатрешни работи.

Тој го изјави ова вчера, како одговор на новинарско прашање за какви закани станува збор, откако минатата недела ја обвини ДУИ дека претставува закана за мирот и стабилноста на државата.

– Имаме информации со кои располагаме и кои се добиени од повеќе канали, дека раководството на ДУИ, во обид да го заштити капиталот што го создаваше изминативе дваесет години, ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата, што е многу значајно да се спомене. Ние, како Влада, имаме полно право да ги браниме територијалниот суверенитет и интегритет и мирот на граѓаните. Тоа е практично и целта на една држава. И очекуваме да се случи тоа врз основа на тие информации што ги имаме. Да почекаме, да видиме дали ќе се потврдат тие информации или нема да бидат точни – изјави Мицкоски.

Од ДУИ најавија дека ќе излезат на протести пред Владата и дека повикале странски експерт да им помогне во пишувањето нов закон за влада, со кој треба да се овозможи, при формирањето на секоја идна влада, во коалиција да бидат победникот од македонската етничка заедница и победникот од албанската етничка заедница.

Професори за безбедност и политиколози, за весникот ВЕЧЕР, со свои видувања околу изјавите на премиерот и најавите од ДУИ колку е навистина можна дестабилизација на државата.

Професорот за безбедност и проректор за настава на Европски универзитет – Скопје, Александар Нацев, изјави дека, со овие најави и изјави, ДУИ се обидува да се наметне на политичката сцена и да стане важен политички фактор.

– Тоа е беспредметен обид, бидејќи, пред неколку месеци, гласачите кажаа дека ДУИ треба да замине од политичката сцена. Какви било протести се безбедносна закана, на која мора соодветно да се одговори и да се третира – изјави Нацев за весникот ВЕЧЕР.

Тој додаде дека тие протести треба да се обработат безбедносно и да се види дали може да предизвикаат несакани последици.

– Останува да видиме каква порака ќе се прати на тие протести, дали ќе повика ДУИ на уривање на уставниот поредок или на федерализација, па тогаш ќе се бара соодветен одговор на тие пораки – изјави Нацев.

Политикологот Милан Стефановски вели дека изјавата на Мицкоски дека ДУИ претставува закана за мирот и стабилноста на државата, ја гледа преку однесувањето на ДУИ во текот на изборите и по нив.

– Колку и да е остра изјавата на Мицкоски од местото премиер кон опозициска партија, таа изјава има улога да превенира непримерно поведение на политички субјект што беше дел од власта повеќе од дваесет години, субјект што има во своите редови луѓе на црната листа на САД и постојат сомневања за висока корупција – изјави Стефановски за весникот.

Според него, ДУИ е политички субјект што се покажал како нестабилен и непринципиелен политички партнер.

– Напуштајќи го Мајскиот договор за принцип победник со победник, за кој договор ДУИ беше застапник. Да не заборавиме дека ДУИ неофицијално заговараше бојкот на денот на вториот круг од претседателските избори, со цел креирање политичка криза – додава Стефановски.

Тој смета дека најголемата хипокризија што ја заговара ДУИ со странскиот консултант Пол Вилијамс, кој не е официјален претставник на американската надворешна политика, е озаконување и уставно позиционирање на принципот победник со победник, кој самите го нарушија и принцип кој во суштина на унитарниот карактер на државата дава друга димензија.

Според него, етноцентризмот што доминира во барањата на ДУИ, не бил позиција што го заговарала оваа партија додека била на власт, ниту, пак, ќе помине кај домашната и кај меѓународната јавност.

– Насилни протести, кои ќе се перципираат од НАТО како дестабилизација на Западен Балкан, нема да поминат. Сепак, стабилноста на Балканот и во една НАТО-членка како што сме ние е многу важна во светлото на руско-украинскиот конфликт – изјави Стефановски за весникот ВЕЧЕР.