Под влијание на топла воздушна маса со потекло од северните предели на Африка, во Македонија во следните денови ќе имаме значително затоплување на времето и голем пораст, како на минималните утрински, така и на максималните дневни температури на воздухот, пишува во најновата метео анализа, Славчо Поповски.

Инаку, времето во наредните денови ќе биде претежно сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец, додека Долж Повардарието и во источните предели повремено ќе засилува ветерот од северен и од северозападен правец.

Наутро температурите на повеќе места ќе се спуштат до околу, или малку под нулата, а тие понекаде ќе останат и позитивни, што значи дека во следните денови утрата ќе бидат значително потопли. Особено топло преку ден ќе биде во недела, како и во почетокот од следната седмица кога температурите на многу места ќе надминуваат 10 степени, а во најтоплите централни и југоисточни предели локално тие ќе достигнат дури до 20 степени.

Во Скопје и околината очекуваме слично време, значително потопло и посончево во следните денови. Наутро температурата ќе се спушта во интервалот помеѓу -3  и -1 степен, а максималната дневна ќе се искачува во интервалот помеѓу 9 и 13 степени.

„Температурите кои ги очекуваме во следниот период ќе бидат значително над просекот за овој период од годината, тие ќе бидат повисоки од нормалните за 4 до 8 степени. Искористете ја оваа пролет во зима, поради тоа што се поизвесно е дека по 10 февруари се враќа зимата и снегот во нашите краишта“, пишува на Фејсбук Поповски.

„Судејќи барем според моменталните анализи со кој располагаме, враќање на зимата и на снегот во Европа, Балканот и во Македонија очекуваме по 10 февруари, па така од средината на овој месец, па до крајот на истиот треба да биде постудено од вообичаеното со потпросечни температури на воздухот, што значи дека слободно можеме да кажеме дека далеку сме од тоа да кажеме збогум на зимата“, вели метеорологот Славчо Попоски.