По затворањето на Еуростандард близу 15.000 пензионери уште не избрале нова банка, па пензија ќе чекаат во септември

388

Исплатата на августовските пензии почна денеска, како и досега предвремено, за да се избегне метежот пред банките, а со тоа и ширење на заразата со ковид-19.

Меѓу пензионерите, кои овој месец ќе си ги земат пензиите, се и десетина илјади поранешни депоненти на пропаднатата Еуростандард банка кои успеале до посочениот рок од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, односно до 21 овој месец, да отворат сметка во друга банка на која ќе им се префрлаат парите.

Но, до следниот месец, а некои и до пред неговиот крај, сепак без тие пари ќе останат триесетина илјади пензионери кои досега пензијата ја примале преку Еуростандард а не го „фатиле“ рокот до кој треба да отворат нова сметка во друга банка.

Според последните податоци од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување од вкупно околу 50.000 пензионери депоненти на Еуростандард банка, околу 15.000 сè уште не избрале нова банка преку која ќе ја подигаат пензијата. Тоа можат да го сторат во наредниот период, но пензијата наместо сега, ќе ја добијат во септември во три групи, при што првата група ќе си ја подигне во редовниот термин во кој пред ковид-кризата се исплатуваат пензиите. Така, првата група пензионери со нови сметки отворени по 21 овој месец пензијата ќе може да си ја земат на 7 септември. Втората група парите ќе можат да си ги подигне една недела подоцна, на 14, а последната дури на крајот на наредниот месец, односно на 21 септември.

На чекање се и пензионерите од руралните средини на кои Еуростандард банка досега пензијата им ја носела дома преку поштар. По стечајот на банката заврши и договорот што банката го имаше до Македонска пошта, па сега забрзано се бара нова банка која ќе ги користи нејзините шалтери за платен промет и за достава на пензиите на домашна адреса. Конечната одлука е на Владата.

Македонската банкарска асоцијација извести дека за останатите од денеска почнала предвремената исплата на пензиите. Сите кои имаат дебитни картички веќе можат да си ги подигнат парите од банкомат или да пазаруваат со картичките. Денеска, исто така на шалтер во банка се исплатуваа пензиите до 11.000 денари. Од утре почнува исплатата на пензиите до 14.000 денари, а поради неработниот петок, пензиите до 18.000 денари во банка ќе се подигаат на 31 август, понеделник. Во вторник пак, на ред се пензионерите со пензии повисоки од 18.000 денари.

Од Македонската банкарска асоцијација посочија дека овој распоред важи и за корисниците на пензии од Еуростандард банка кои до 21 овој месец отвориле трансакциска сметка во банката преку која би сакале во иднина да им се врши исплата на пензијата.