ПО ЖЕСТОКАТА РАСПРАВА, КОМИСИЈАТА СО “ПАТА-ПАТА” ГЛАСАЊЕ: Имунитетот на Вељаноски пред пратениците

75

Барањето на Кривичниот суд да му се одземе пратеничкиот имунитет на Вељановски следи откако тој заедно со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во средата беа приведени на распит поради сомнение дека се дел од организаторите на настаните од 27 април.

Дали пратеникот и поранешен претседател на Собранието Трајко Вељановски ќе остане без пратенички имунитет или не, ќе одлучи Собранието. Ваквата одлука беше донесена по дводневната жестока дебата во Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, каде гласањето заврши со четири гласа “за” и четири “против” одлуката за барањето на Кривичниот суд за одобрување притвор поради сомнение за негова вмешаност во настаните од 27 април. Во моментот на гласањето не беше присутен пратеникот од од владеачкото мнозинство, односно од ДУИ Агим Шаќири.

Претседателот на Комисијата Павле Богоевски рече дека иако не е донесен конкретен став, тоа не значи дека барањето е одбиено. Најави дека ова прашање ќе биде пренесено за одлучување на пленарната седница на Собранието.

Расправата за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељановски помина во жестока дебата меѓу пратениците од опозицијата и парламентарното мнозинство. Со реплики, контрареплики и паузи, пратениците се расправаа околу оправданоста да му се одземе пратеничкиот имунитет на Вељановски. Пратениците од опозицијата оценија дека се работи за политички прогон и предложија колективно на сите да им биде одземен пратеничкиот имунитет, додека парламентарното мнозинство беше со став дека треба да се откријат организаторите на 27 април и да бидат изнесени пред лицето на правдата.

Барањето на Кривичниот суд да му се одземе пратеничкиот имунитет на Вељановски следи откако тој заедно со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во средата беа приведени на распит поради сомнение дека се дел од организаторите на настаните од 27 април. Вељаноски тогаш се повика на пратеничкиот имунитет, додека на Миле Јанакиески и Спиро Ристовски им беше одредена мерка притвор.

Во меѓувреме, Судот на ексминистерот Јанакиески мерката притвор му ја замени со 30-дневен куќен притвор, а поранешниот министер Ристовски и по поднесената жалба останува во притвор во Шутка. Од тие причини, во јавноста се отворија дилеми зошто се донесе различна одлука.

Според универзитетскиот професор Гордан Калајџиев краткотрајните притвори за дејствија што се случиле пред подолг временски период се чудни.

-Во случаи како овој, зборувам релативно, бидејќи не ги знам деталите, но се чини нелогично тоа дека се определуваат краткотрајни мерки притвор и се заменуваат со поблага мерка бидејќи објективно ниту еден од условите за притвор не се чини реален за овој тип на ситуации. Тоа кажува дека може да се сомневаме дека понекогаш притворот го бараат обвинителите, а судиите го одобруваат од други причини на пример ПР-ефекти, политички цели, можеби притисок врз лицата да признаат на препад, изјави Калајџиев.

Минатата недела, се појави информацијата дека во дворот во затворот во Шутка настанала тепачка меѓу Јанакиески и Ристовски и двајца осуденици од Диво Насеље, по што Јанакиески беше префрлен во  Градската општа болница “8 Септември” од каде информираа дека тој се жалел на удари во главата, но не биле констатирани повреди. Потоа, беше испратена и порака во која осудените за Диво Насеље им се закануваат на Ахмети, Груевски, Мијалков и на уште 13 лица од ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ.